Германија е соочена со демографска бомба од 7 милиони Сиријци

Шемата за брза натурализација овозможена од претходната влада на Олаф Шолц може да доведе во Германија уште 7 милиони Сиријци во следните 50 години, предупредува холандски демографски експерт. Тој прави паралела со кампањата за увоз на квалификувани работници пред половина век, по која седумкратно се зголемија заедниците на Турци и Мароканци.

Холандскиот социолог Руд Купманс ги опишува актуелните брзи натурализации како „демографска темпирана бомба“ за Германија. Азилантите од Сирија што сега добиваат дозвола за престој и за работа наскоро ќе побараат да им се придружат и блиските роднини.

Мора да се размисли дали на мигрантите треба толку брзо да им се даде пристап до германско државјанство. Ако се германски државјани, повеќе нема да важат ограничувања за спојување со семејствата, со што се губи секаква можност за управување со мигрантските текови, предупредува Купманс.

Актуелната демохристијанска влада на Фридрих Мерц ја укина таканаречената „турбо натурализација“, воведена од поранешниот социјалистички канцелар Олаф Шолц, со која на бегалците им беше овозможено да стекнат државјанство по само тригодишен престој во Германија.

Сè уште се на сила вообичаените правила за натурализација на дојденците по пет години престој во земјата, ако докажат дека ги исполнуваат сите легални обврски, заработуваат доволно за егзистенција, немаат криминално досие и доволно добро го познаваат германскиот јазик. Сепак, има и широко распространети извештаи за мамење на тестовите по германски.

Од овие приближно милион луѓе повеќето се мажи. Тие ќе сакаат да ги доведат во Германија своите жени, но и најблиските роднини од семејствата кои во нивната земја се многу пошироки. Од суштинско значење е да се земат предвид последиците што ова ќе ги има за иднината, вели Купманс.

Како пример тој посочува на поранешните искуства со брзите натурализации. Во 1970-ите години пристигнаа гастарбајтери од Турција и набрзо ги повикаа во Германија и своите семејства. Сега во Германија ги има над 6 милиони. Сè уште се исклучително слабо интегрирани. Порастот на бројот на насилства со огнено оружје во Берлин всушност беше поттикнат од пресметки меѓу турските криминални банди.

Треба само да се осврнеме на минатото: Колку населението на гастарбајтери од Турција или Мароко пораснало со текот на времето преку повторно обединување на семејствата и репродукција? Од 1973 година, годината кога регрутирањето беше запрено, до денес, оваа група се зголемила шесткратно или седумкратно. Ако го претпоставиме истото за Сиријците, а нема причина да не го сториме тоа, тогаш за 50 години ќе имаме седум милиони Сиријци или граѓани од сириско потекло во Германија. И зборувам само за Сиријците, но истото важи и за луѓето од Авганистан, Ирак, Сомалија и така натаму, додаде истражувачот.

Тој предлага на 10 години да се зголеми задолжителниот престој на легалните азиланти во Германија како услов за добивање државјанство.

Во еден момент ќе мора да кажете дека луѓето тука се доволно долго и мора да им биде понудена трајна перспектива. Но, мислам дека е погрешно да се прави ова по само пет години, вели Купманс.

Тој истакнува дека треба да се прави разлика помеѓу потеклото на имигрантите, кои од друга страна се потребни за да се задоволи потребата од работна сила во индустријата и услужните дејности. Во Германија доаѓаат и странци од членки на Европската Унија и од други земји и тие не се значително презастапени во статистиката за криминал. Сиријците се во сосема друга категорија. Тие се поврзани со 135.000 кривични извршени против Германци во изминатите девет години.

5 јануари 2026 - 14:57