
Според телеологијата на Аристотел, секое битие и феномен на овој свет постои затоа што има одредена ултимативна цел. Пример, денешнава крем салата има ептен домаќинска и многу чесна задача: да им прави друштво на неколку чаши добра ракија. И точно знае како да се носи со оваа предодредена улога.
Ова не е една од низата што конкурира со силни или експериментални вкусови, не се натпреварува со месото или со класични мезе-хитови. Таа игра на друг терен: стабилна е, ладна, кремаста и доволно конкретна во вкусот за да не ја замори ракијата, туку да ѝ даде простор да се покаже и доминира. Основата е урда. Ништо претенциозно, ниту пак агресивно. Таа ја држи текстурата, дава блага млечна мекост и го смирува непцето помеѓу голтките. Печените пиперки влегуваат фраерски, како топол антипод со малку сладок, малку димен вкус што прави пауза од алкохолната острина без да ја наруши. Сусамот додава точно толку длабочина колку што треба за салатата да не биде досадна, но и да не се наметнува како новодојден бот во штабот што ентузијастички бара пепељари за тресење.
Ова е салата што точно си ја знае својата функција. Знае дека треба да даде малку структура во разговорот и да овозможи уште една рунда. И токму затоа е мајсторска.
Намирници:
• Урда (500 гр)
• Печени слатки пиперки (печи-гмечи)
• Сусам (100 гр)
• Павлака или јужнососедски јогурт (3 лажици)
• Сол (по вкус)
Постапка:
Урдата се става во подлабока чинија и малку се разронува или пресира за да стане покремаста. Печените пиперки се ситно сечкаат и се додаваат во урдата. Сусамот кратко се потпекува во тава без масло додека да добие светло златна боја, па се додава во смесата.



Се меша добро.

Се додава кремастиот агент за да се добие мека текстура и по потреба се посолува. Може да се послужи веднаш или да се остави кратко во фрижидер за да се соединат вкусовите.

Одлична е со леб, крекери или како мал, автономен оброк. И нормално, со едно пола литро ракија.
Уживанција.

Кирил Стоименов - Секој петок