Американски професор предлага Грција да нè анектира

Во писмо испратено меѓу другите и до Хилари Клинтон и Оли Рен, професор по класична археологија од калифорниски универзитет предлага Грција да нè покори и да нè натера да учиме грчки јазик.

Прилично отровното писмо  на американскиот професор Стефан Г. Милер е реакција на написот "Писмо од Македонија" на Метју Брунвасер, објавено во еден стручен археолошки магазин за македонски студии

На професор Милер толку му пречи што Брунвасер нè нарекува Македонија што на крајот од писмото, адресирано и до Оли Рен, Хилари Клинтон, Дора Бакојани и Андонис Самарас, бара Грција да нè покори како што тоа со овие територии го направил Филип Македонски а потоа да нè тера да учиме грчки.

Основната теза на милитантниот професор е дека територијата на денешна република Македонија нема врска со античката Македонија туку со Пајонија. Пајонците живееле северно од Македонија а јужно од Дарданија (Косово). Биле под власта на античките Македонци но тоа не ги прави Македонци, исто како што Македонци не ги прави ни луѓето од Вавилон, Палестина и другите територии покорени од лозата на античките Македонци, заклучува Милер.

71 годишниот професор во пензија во писмото се повикува и на мислењето на американскиот државен секретар од 1944 година кое постоењето на македонската нација го оценува како непријателски чин кон Грција.

Врв на паранојата дека Македонија има територијални претензии кон Грција e "крунскиот доказ" на професорот: парче хартија која никогаш не била официјална македонска банкнота а на времето можеше да се најде како сувенир по трафики.

Дозволете ми да ја завршам оваа егзегеза со предлог за решавање на прашањето за денешната употреба на името Македонија. Грција треба да ја анектира Пајонија како што тоа го направи Филип Втори во 359 година п.н.е. Тоа би требало да биде прифатливо за денешните жители на овој простор со оглед на тоа што се претставуваат како Грци присвојувајќи го терминот Македонија и нејзиниот најпознат човек. На тој начин, денешните луѓе од оваа нова грчка провинција би можеле да научат да зборуваат и да пишуваат на грчки, можеби исто толку добро како своевремено Александар", пишува Милер.

Иако себе се референцира со калифорнискиот Универзитет Баркели, Милер последниве 30 години е главен човек на ископувањата во локалитетот Немеа во Грција во кои се одржувале Олимписките игри.

Целото писмо на Стефан Милер - тука.

 

5 октомври 2013 - 16:17