Спанаќ со ориз

Со јајце на око, инаку нема да биде комплетно! 😁

Потребни состојки:

  • ориз 1 шоља
  • спанаќ 1 кг
  • млад кромид
  • црвен пипер
  • вегета (не ја користам ич, ама овде оди)
  • бибер
  • масло

Рецептов е направен уште пред две недели, но некако немав време да го ставам. Енивеј, со сестра ми и внук ми бевме во парк. Ние си правевме пикник, а он си бркаше гулаби! ❤

Дојдовме дома и ја слушам како по телефон се договара за некоја испорака. Кажува адреса каде да стигне, го води курирот по уличкиве низ Карпош. Ѕвони врата, му отвара и се изнервирува дека требала да доплати 120 денари за достава. Влегува во соба, јас си лежам со внук ми и ја прашувам:

- Шо ти е ма тоа?

- Ништо бе, си нарачав нешто од интернет пред два месеца. (го отвара кутивчето)

- Добро, ќе каеш што е?!

- Ланче ма! (ме погледна тапо)

- Какво ланче ма?! 😂

Го става на врат, го закопчува и се врти:

- Софка, дали сум бе здрава?!

- 😂😂😂😂😂😂 ти си бе девојче без памет!

Јас, просто немам зборови како да го опишам ланчето, но не е битно тоа, битно е што ни самата не е сигурна зошто го нарачала! А уште побитно е, што ми го продолжува животот со смеење на секоја наша средба. ❤

Внук ми заспа, сестра ми отиде до Сити мол, а јас конечно седнав да го напишам рецептов. 

Чекори за подготовка:

  1. Во тенџерче по ваш избор ставете масло да се загрее и ставете го зелениот дел од младото кромитче. Се разбира исецкано; пропржете го.

  2. Додадете го оризот.

  3. Запржете го и него и повторно промешајте. Оп, еве го и мојот асистент. ❤

  4. Додадете една лажица црвен пипер и една лажица вегета.

  5. Нека се пропржат и тие малку и додадете 500 мл врела вода.

  6. Многу ми се допаѓа што во ова јадење не се чисти спанаќот од дршките, само коренот се вади. Исецкајте го и ставете го во тенџерчето.

  7. Убаво промешајте додека не омекне и не се намали по волумен и покријте го тенџерчето со капак, но не скроз.

  8. На тивко нека си крчка околу 30 минути. Кога ќе биде готов, послужете го во тањир заедно со кисело млеко и со пржено јајце. На здравје!

Хинт:

Истово можете да го направите во тава и да го запечете заедно со јајцата!
29 мај 2017 - 16:54