Црвена леќа

Ако не јадете леќа, со овој рецепт ќе пројадете! 😁

Потребни состојки:

  • црвена леќа 100 г
  • томатело (со босилек) 500 мл
  • кромид
  • лук
  • морков
  • путер (за тие што не постат)
  • маслиново масло

Има денови кога душичката ќе ти посака манџа. Онака, ти се јаде нешто манџесто, нешто во течна состојба и нешто што не е месо, пица и слично. Најубавото во овој рецепт е што се прави за 20 минути, максимум 30. Башка, превкусно е! Знам дека ве има повеќе што не јадете леќа, грашок, боранија и знам дека секогаш ги избегнувате овие ручеци, но овојпат ве советувам да си дадете шанса, т.е. да ѝ дадете шанса на оваа превкусна леќа.

За вас што постите, супер ручек, но се разбира путер нема да ставате!

За вас што не постите, а ви се јаде манџичка, терајте со путерот и немој да заборавите едно убаво парче овчо сирење!

п.с. Пак ми се наопаку сликите! Е ме полудеа значи!

Чекори за подготовка:

  1. Земете пола главица кромид и исецкајте ја ситно. Јас така ја исецкав, а вие сецкајте го како сакате. Исецкајте и едно чешне лук и ставете ги во загреано масло. Рерната нека не ви биде на најјако од причина да не ви загори кромидот.

  2. Земете еден голем или два помали моркова, исчистете ги, исецкајте ги на кругови и додадете ги кај кромидот.

  3. Пропржете убаво сè заедно и додадете ја леќата.

  4. Откако ќе измешате сè убаво, за тие што не постат, ставете едно убаво парче путер, а за тие што постат само додадете уште малку маслиново масло.

  5. Земете го томателото, убаво протресете го пред да го отворите и ставете малку повеќе од пола. Зборувам за она што е од пола литар.

  6. На тивко оставете нека си крчка и зачинете со сол и бибер. По ваш вкус може да го додадете кој било зачин. Бидејќи ќе биде многу густо, додадете една чаша врела вода. Пробајте какво е на вкус и оставете да си се вари 15-20 мин или пробајте кога е готова леќата. Бидејќи станува збор за црвена леќа, не ѝ треба повеќе од 30 мин. Исклучете ја ринглата, покријте го тенџерчето со капак и послужете кога ќе бидете спремни за јадење. Од леќа, само оваа!!!

Хинт:

На истиов начин може да направите и боранија и грашок!
17 март 2017 - 12:38