Печен крап

За сите што постат!

Потребни состојки:

  • крап 
  • морков 4-5
  • кромид 3
  • компир 3-4
  • млад кромид 2-3
  • млад лук или стар 
  • бело вино 200 мл
  • зејтин
  • сол и бибер
  • зачини (по вкус)

На колку слави бевте до сега? Јас на 5-6, од кои 5 беа кај мене дома!!

Ок што ја имаме онаа редовна слава што е на 3 декември и траеше два дена, него на татко ми му текна да направи уште три различни или сите оние што следуваа од тогаш па до денес. Не знам дали навистина беа со некое значење, т.е. не сум сигурна. Мислам дека татко ми измисли дека ни се слави само за да нè собере сите на куп. Најверојатно му е малце што еднаш неделно се собираме. И да бидам искрена, многу убаво си поминавме на сите до една. Завчера, на Св. Никола, бев сама со мајка ми и татко ми додека дојде остатокот од фамилијата и цел ден ги слушав кој што да стави во салатата, каков зачин се става во печурките, како се пече пита. Татко ми висок, со бркови и комплетно без грам трпение, а мајка ми пониска од него и тотално кул. Тоа беше циркуз без пари, со солзи се смеев. Енивеј, овој крап е по негов рецепт и многу е горд на тоа и мислам дека умира од среќа што ќе го објавам бидејќи до сега сум објавила многу рецепти на мајка ми. 

п.с. Алергична сум на риба и на секое имање риба на софра татко ми ме прашува зошто не јадам! Зашто не јадам!!!!

Чекори за подготовка:

  1. Ви препорачувам крапот да ви го исчистат од местото каде што ќе го купите, во спротивно, со среќа! Во плитка тава ставете хартија за печење и ставете го крапот, кој претходно ќе го исечете од двете страни.

  2. Во еден длабок сад исечете ги на коцки сите зеленчуци и зачинете го со сол, бибер, малку масло и зачини по желба. Јас ставив мајчина душица. Промешајте ги

  3. Доколку имате младо лукче, исечете го по должина и ставете го во процепите на рибата, доколку немате, ставете стар лук. Загрејте зејтин на страна и полејте ја рибата, што би рекол татко ми, „чврчни ја“.

  4. Од страна ставете ги зеленчуците и полејте го виното насекаде.

  5. Во веќе загреана рерна печете на 250 степени еден час, намалете на 180 минути и допечете уште 30 минути. Ставете ја цела тава на маса бидејќи е многу лична.

Предлог:

Исечете го крапот на кременадли, но спојте ги една до друга како да не бил никогаш сечен.
21 декември 2016 - 11:26