
Дури и кога упорно бегаме од дневната политика, тврдејќи дека сме „апсолутно аполитични“ и дека нашата микро-сфера е недопрена од вестите од земјата и регионот, сепак правиме политички избор - аполитичноста е можеби најкомфорната политичка одлука на денешницата. Сè околу нас е длабоко проткаено со политика, од тоа каква музика слушаме па сè до составот на нашата кујнска полица.
Е како тоа, би се запрашале радозналите ни фронтални кортекси. Еве да земеме за пример еден зеленчук по случаен избор: морковот. Ќе си кажете: што може да биде идеолошки контаминирано во овој душкодолгоушковски аксесоар? Може, и тоа како! Оригиналниот, див морков низ историјата воопшто не бил портокалов; бил или блед, коскено-жолт, или длабоко, скоро мистично виолетов. Денешната славна, портокалова боја на морковот е директна последица на сурова агро-политичка пропаганда од 17-тиот век. Холандските земјоделци и ботаничари, во знак на длабока лојалност и политички респект кон Вилијам од Орански (William of Orange - човекот кој ја предводел борбата за независност на Холандија од Шпанците), започнале масовно да селектираат и одгледуваат мутирани сорти на портокалови моркови. Портокаловата боја станала заштитен знак на кралската династија Оранско-Насау, а морковот прераснал во амблем на националниот суверенитет и патриотизам.
И таман ќе си помислите дека со приказната за кралевите завршува оваа зеленчукова филозофија, британската воена пропагандна машина од Втората светска војна го издигна морковот на ниво на генијална геополитичка измама. Во 1940 година, за време на германското бомбардирање на Лондон (Блицот), британското Министерство за одбрана разработува топографски супериорен, нов таен радарски систем (Airborne Interception Radar), кој им овозможи на пилотите од RAF да ги откриваат и соборуваат германските бомбардери во потполна темница, уште пред тие да стигнат до брегот. За да го сокријат постоењето на оваа радарска технологија од германското разузнавање, Британците лансираа брилијантна медиумска лага: го прогласуваат капетанот Џон „Челични Очи“ Канингем и неговите пилоти за луѓе со натприродна ноќна визија, постигната со тоа што тие масовно јаделе моркови полни со каротин и витамин А. Пропагандата била толку успешно спакувана што Германците во потполност ја проголтале мамката. Наместо да бараат тајни радарски фреквенции на нивните авиони, германската команда почнала масовно да ги тови своите пилоти со моркови, форсирајќи ги со сила да јадат килограми дневно, за да добијат ноќен соколски вид. Британците буквално ги надмудриле своите непријатели терајќи ги да дигестираат моркови, додека нивните радари тивко ја добивале војната на небото.
Најјакото е што оваа воена лага преживеа повеќе од половина век: дури и денес, родителите ширум светот, подлегнати на овој британски воен мит од 1940-тите, сè уште нè лажат дека ако јадеме моркови ќе гледаме подобро.
Денес во име на оваа геополитичка историја, спремаме крокети или мали кофтенца од морков. Лец гоу!
Состојки:
- 500g свежи портокалови моркови (ситно рендани)
- Ситно сецкани перца власец
- 3-4 лажици брашно
- Зачини: оригано, мајчина душичка, лук во прав, црвен пипер, сол и мелен црн пипер
- Растително масло (за пржење) \
Постапка:

Свежите моркови ги чистиме и ги рендаме на крупната страна од рендето во длабок метален сад за да ја ослободат својата сочност. Сериозно ги посолуваме, за солта да ја избие водата од нив. На ренданиот морков ги додаваме власецот, брашното, како и ароматичните зачин.


Добро мешаме со лажица додека да добиеме компактна, густа смеса што може лесно да се обликува во мали крокети или ќофтенца.

Во широка тава загреваме масло на умерена температура. Со раце формираме мали топчиња или сплескани крокети и ги спуштаме во врелото масло. Ги пржиме крокетите по 5-6 минути од двете страни додека не добијат темна, карамелизирана и крцкава коричка.

Ги вадиме на хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија и ги сервираме топли.

Јас како сос за макање склопив комбинација од таан, грчки јогурт, лимонов сок и малку ладна вода. Земјените ноти од таанот одлично парираат со подземните умами тонови од морковот.
Да, одлични се за со ракија, фала на прашање.
Кирил Стоименов - уацапдак