
Откако ја објавив претходната епизода за миланското ризото и шафранот од 35.000 евра, моето електронско сандаче доживеа вистински дигитален анатема-напад. Пристигнаа река од поплаки, протестни ноти и остри предупредувања директно од кочанските тетки, баби, золви и стринки. Бев обвинет за кулинарска ерес, дезертерство од традицијата и сквернавење на македонското бело злато со „некакви италијански претенциозни измислици“.
Затоа, оваа прилика ја користам јавно да се покајам, да пробам да се искупам од гревовите и да му се вратам на вистинскиот олтар: автентичната, традиционална тава ориз со цело запечено пиле. А кога веќе ја начнавме оваа тема, вреди за момент да се анализира тој опсесивен теолошки концепт на исповед и искупување. Што е уствари фундаментално погрешно со традиционалното сфаќање на искупувањето? Повеќето религиски и морални системи нè учат дека гревот е како трансакциски долг - правиш беља, па потоа мораш да платиш казна, да одработиш нешто или да поднесеш жртва за да се вратиш на „нула“. Тоа е бирократска логика. Искупувањето пречесто се претвора во лицемерно пазарење со постапките, мислите и емоциите: грешиш цела седмица како нездрав, а во недела облекуваш чиста кошула или подготвуваш традиционален ручек и сметаш дека си ги избришал сите сметки. Вистинското искупување не е во паничното бришење на минатото, ниту во формалното читање молитви и следење догми, галиба во зрелото прифаќање на сопствениот грев, разбирање на сопствената бескорисна претенциозност и враќање кон суштината со нова, подлабока почит. Да сме у винкла со самите себе, да научиме од грешките и да бидеме подобра верзија.
Ок, доста попував, одиме на искупување.
Состојки:
За супата и пилешкото:
- 1 цело свежо пиле (расечено по должина на градите/пеперутка форма)
За зеленчуков бујон:
- 1-2 моркови, 1 главица кромид (со сè лушпа), свежи чешниња лук, парчиња лимонова кора, стебленца од целер/млад кромид, ловоров лист, црн и шарен пипер во зрна, сол
За тавата со ориз:
- 300g кочански ориз (одлично измиен)
- 1 поголем морков, ситно исечкан на коцки
- 1 главица кромид и малку млад кромид, ситно исечкани
- Црвен пипер (за посипување врз пилешкото)
- Маслиново масло или маст
- Сол и свежо мелен црн пипер
- Процеден топол бујон од свареното пиле (во однос 1:3 спрема оризот)
Постапка:
Пилешкото го расекуваме по должина на градите и го отвораме. Во длабок сад за варење ги ставаме морковите исечени на парчиња, кромидот, лукот, кората од лимон, целерот, ловоровиот лист и пиперот во зрна. Го положуваме пилешкото, преливаме со вода, посолуваме и вариме на умерена температура додека пилешкото е полусварено и ослободи богата, ароматична течност (бујон). Околу 50-тина минути.



Во тава на малку масло го сотираме ситно исечканиот кромид и морковот додека да омекнат и да го пуштат својот природен сок и боја. Го додаваме измиениот ориз директно во тавата со сотираниот зеленчук и мешаме кратко 1-2 минути за да се застакли и да ја впие маснотијата. Загреаниот ориз со зеленчукот го префрламе и рамномерно го распоредуваме на дното од длабока огноотпорна тава или пекач.

Вареното пиле внимателно го извлекуваме од супата и го поставуваме во средината врз постелата од ориз. Површината на пилешкото ја посипуваме со сладок црвен пипер, сол и малку црн пипер за да добие крцкава, црвена коричка при печењето.


Преку цедалка, директно во тавата истураме од врелиот, процеден пилешки бујон (околу 3 мерки супа за 1 мерка ориз). Печеме во претходно загреана рерна на 200°C додека оризот целосно да ја впие течноста и да омекне, а пилешкото да добие темна, златна и перфектно крцкава коричка. Од прилика, 40 минути.

Ултимативниот грев анулиран, стечајците во стомакот запослени, комшиите се супер љубоморни на миризбата, дневните микронутритивни очекувања исполнети.

Ќе се (с)пие мирно вечер.

Кирил Стоименов - мамурлија заборавен од државата