
Ако пролисташ низ кој било западњачки магазин за здрав живот, или, далеку било, налеташ на извесен подкаст за биохакирање, веднаш си заложник на истата мантра: Медитеранската диета е апсолутниот свет грал на човечкото постоење. Нутриционисти од Њујорк, Лондон и Берлин со години ни продаваат слика за тоа како луѓето покрај море живеат по сто години затоа што пијат маслиново масло со кафето, грицкаат диви артичоки, пијат лабораториски прецизни дози квалитетно црвено вино и воопшто не ги засегаат вестите од земјата и светот. Сè е естетски испеглано и спакувано. Медитеранот се претвори во планетарен бренд за луксузен лајфстајл на средна класа што е малку посредна од останатата средна класа.
Ако ја загребеш таа маркетиншка маскара и ги тргнеш на страна прескапите лососи (којшто патем „важи, нема проблем“ дека е медитеранска риба) и увозни супер-храни, целата таа приказна добива сосема друга, троа поиронична димензија. Смешно е што ова наше парче земја ги дели истите врели, пеколни лета и го има истиот вековен кулинарски скелет како и целиот тој префален регион. Само што овде „медитеранскиот модел“ никогаш не бил прашање на избор, или фенси животен стил. На брдовитото Балканиште храната отсекогаш била чиста егзистенција. Кај нас, храната се спремала од тоа што го има во бавчата кога во џебот шетаат амбиси. А шетале стално, со векови, пеколни.
Во таа некоректна глобална распределба на карти, ние Балканците испаѓаме некакви гастрономски сираци. Ние ја завршивме амалската работа и со векови го практикувавме тој начин на преживување, а целата медиумска слава ја собра некој друг, па сега ни го препакува истото тоа како прескапа филозофија за долг живот.
Овој рецепт е инаетлив одговор на таа глобална џева. Во него нема ништо претенциозно, а сепак ги има сите елементи што тие ги префалуваат.
Одиме.
Состојки:
За намазот од бел грав:
- 400 грама варен бел грав
- 6-8 парчиња сушени домати во масло
- 2 чешниња свеж лук
- Сок од половина лимон
- Маслиново масло, сол и црн пипер
За пилешките ражничи:
- 400g пилешки филе, исечкано на коцки
- 1 лажичка лук во прав
- 1 лажичка сушена мајчина душичка
- 1 лажичка сушено оригано
- 1 лажичка црвен пипер (сладок или лут)
- Маслиново масло, сол и пипер
За свежата салца (за сервирање):
- Половина китка ситно сечкан магдонос
- Половина глава црвен кромид, ситно сечкан
- 2-3 перца млад кромид
- 3-4 дополнителни сушени домати, ситно исечкани
- Малку маслиново масло и капки лимон
Постапувание:
Пилешкото месо го мешаме со лукот во прав, мајчината душичка, ориганото, црвениот пипер, маслиновото масло и зачините, го набодуваме на дрвени стапчиња за ражнич и го печеме на силно загреана скара или грил-тава додека не добие темни, запечени траги и целосно да се испече одвнатре.


За тоа време, во блендер ги соединуваме зрната грав, сушените домати, чери патлиџаните, свежиот лук, сокот од лимон и малку маслиново масло, па блендираме додека да добиеме густа, кадифена крема.

Намазот го сервираме на дното од чинијата, израмнувајќи го со лажица, а директно врз него го посипуваме свежиот микс од исечканиот магдонос, црвениот кромид, младите перца и дополнителните сушени домати.


Топлите пилешки ражничи ги положуваме одозгора, овозможувајќи соковите од месото да легнат директно во салцата и намазот.

После оваа комбинација слободно може на гради да истетовирате Tutto Passa и да се понашате како вечно незапослен Италианец, шо едвај знае да чита, но ете, го послужила географијата.
На здравје!
Кирил Стоименов - Скандинавец од Чеченија