
Ако ја отвориме големата историска читанка на човештвото, брзо ќе сфатите дека најголемите револуции, научни откритија и поп-културни ремек-дела се случуваат во двојки, во култни тандеми каде синергијата создава нешто многу поголемо од збирот на поединечните делови. Ѕирнете внимателно низ времето: од спортските терени каде Мајкл Џордан го имаше својот Скоти Пипен, преку филмското платно каде Бетмен го има Робин (или Дон Кихот својот верен Санчо Панса), па сè до бесмртните музички дуа како Ленон-Макартни, Ричардс-Џегер, Лиам-Ноел, Дуле-Коки, Сејо-Неле.
Тандемите се суштински битни затоа што човечкиот мозок најдобро функционира кога има контратежа - кога егото има со што да се мери, а генијалноста има соработник што ќе ја приземјува, освестува, а по потреба и шамара. Исто така, овде постои еден фасцинантен социолошки момент кој често се занемарува: онаа навидум „послабата“ или понезабележлива карика во тандемот е апсолутно суштинска. Главниот лик, херојот или доминантната фигура во еден систем е само тралалајка мит ако нема кој да му го чува грбот. Во оваа симбиоза, „Санчо Панса“ е стожерот - темните, невидливи темели што му овозможуваат на лидерот да блесне.
Преведено на кујнски јазик, оваа динамика совршено се гледа во врската помеѓу сочно печените колбаси и карамелизираниот кромид. Колбасот тука е ѕвездата со својата гласна ем мрсна ароматичност. Но, без својот верен сопатник, споро карамелизираниот кромид, кој ја смирува суровата маснотија со својата длабока, јаткаста сладост, таа ѕвезда би била само обична црна дупка или бело џуџе.
Затоа…
Состојки:
- 3-4 поголеми глави кромид (исечени на тенки полумесечини)
- 4 колбаси (по избор)
- 30 гр путер (за кромидот)
- 1 лажиче кафеав шеќер или балсамико оцет (за забрзување и длабочина на карамелизацијата)
- Зрнест или обичен сенф (за сервирање)
- Крцкав тостиран леб
- Сол и свежо мелен црн пипер
Постапка:
1. Кромидот го чистиме и го сечеме на рамномерни полумесечини за да се готви подеднакво.

2. Кромидот го ставаме во ладно тенџере, додаваме малку вода и го загреваме на многу силен оган под затворен капак за брзо да омекне. Потоа додаваме путер, сол и шеќер, па ја намалуваме температурата на умерен оган. Со повремено додавање на многу малку вода (2-3 пати) и постојано мешање, го карамелизираме кромидот за околу 15 минути, постигнувајќи убрзан и ефикасен процес наспроти класичниот едночасовен метод.

3. Во посебна грил-тава ги ставаме колбасите да се печат на средна температура. Ги вртиме рамномерно додека не добијат крцкава, румена коричка надвор, а останат сочни и меки внатре.

4. На дрвена даска за сервирање ги редиме испечените колбаси (сечени на парчиња по желба), врз нив обилно го ставаме топлиот, божествено карамелизиран кромид, а од страна додаваме зрнест сенф или обичен и крцкав тостиран леб.

Пивата облекуваат панцири, поставуваат барикади, се паркираат оклопни возила, топовски удари. Џабе, кубаси побеџују!

Кирил Стоименов - соло плеер