Потребни состојки:
- 120 г путер
- 120 г шеќер
- 60 г кафеав шеќер
- 1 јајце
- ванила екстракт
- 200 г брашно
- 120 г темнa чоколадa
- сода бикарбона
- сол
Никогаш не сум верувала дека толку многу ќе сакам чоклит чип кукис. Додека работев по бродови, немаше ден а да не украдам од пекарата. Свежо испечени, крцкави од надвор, а внатре меки. Мхххх! Не знам зошто до сега не сум ги направила, најверојатно си мислев кујзнае колку се комплицирани. Напротив, овие колачи се најбрзи и најлесни на свет, а да, и највкусни! Имам пробано кај нас од оние што се продаваат по маркети, но верувајте, немаат ниту една заедничка точка. Ова е правиот рецепт!
*гризнува колаче*
Знам дека е некултурно да се зборува со полна уста, но среќа не ме гледате и само ме читате. Извинете малце.
*гризнува колаче*
Значи, да не должам многу, засукувајте ракави и одма да ги направите. Башка, и ова е многу битно, ако ги чувате затворени, во некоја пластика и слично, ќе ви траат и до една недела и ќе бидат исто така вкусни!
п.с. Повторно се извинувам за сликите :)
Чекори за подготовка:
- Прв чекор, загрејте ја рерната на 180 степени со опција вентилатор, доколку немате вентилатор, тогаш оди на 200 степени.
- Растопете го путерот на тивок оган, да биде во течна состојба. Ако имате микро, ставете го да се растопи на 40 секунди.
- Ставете го во длабок сад за матење и додадете го шеќерот, белиот и кафеавиот. Кога сме кај кафеавиот, јас имав од оној што е во зрна, а убаво би било доколку имате од оној што е како песок, не темниот, туку посветлиот. Но може и со зрната, јас тој го употребив.
- Матете со миксерот околу 1-2 минути, додадете го јајцето и една лажичка екстракт од ванила. Матете 10 секунди.
- Додадете го брашното, пола лажичка сода и прстофат сол. Матете со миксерот додека не добиете тестеста структура.
- Тргнете го миксерот и почнете во истиот сад да го месите, најверојатно треба да додавате уште малку брашно, ќе осетите со рацете. Тестото треба да биде мазно и да не се лепи помеѓу прстите кога ќе го стиснете.
- Исецкајте ja чоколадата на мали коцкички.
- Додадете ја во тестото.
- Со дрвена лажица измешајте убаво за да се распредели насекаде во тестото.
- Од тестото почнете да правите бомбици и распределете ги во тавата. Доколку сакате, може претходно да ставите хартија за печење, јас не ставив.
- Ставете ги да се печат 9-10 минути максимум. Можеби ќе ви изгледаат како да не се печени, но верувајте дека се. Сигурно ќе ги пипнете одозгора само што ќе ги извадите и ќе осетите дека се меки и првата мисла ќе ви биде „не се печени“, но всушност така и треба да бидат. Оставете ги во тавата 30 минути да одморат и да се спуштат.
- Извадете ги од тавата и ве молам да не ги изедете сите одеднаш! :)))