
Кажи три.
Три.
Под петар богоjески ми се скри.
Доколку го подложиме бројот три на една сериозна, интердисциплинарна рецензија, одма ќе укапираме дека нашиот матичен универзум воопшто не е обожавател на бинарноста туку буквално е фанатичен тринитарист, со сериозни проблеми со умереност.
Во теологијата и религијата, тројството е метафизички златен стандард: Светото Тројство, трите дена во подземјето пред големиот плот твист (пред гласно да се запее Always look on the bright side of life), тремерење за време на пости.
Во социологијата на малите групи, Џорџ Зимел со право покажува дека тријадата е местото каде што животот станува вистински хаотичен и интересен: кога двајца ќе се скараат, третиот секогаш има или брилијантна арбитража или смртоносна доза сеир.
Во психологијата, триангулацијата е доста моќен манипулативен или одбранбен механизам.
Во математиката, тројката е првиот непарен прост број што ја конституира првата затворена рамнинска фигура - триаголникот, од којшто произлегува триаголната баничка со урда.
Потоа ги имаме трите мускетари, трите прасиња, боља тројка у маалски баскет, трилитарка туба вино и степ, три од карти. Според тоа, кога пристапуваме кон мотање пилешки ролат обвиен во пршута, да се ограничиме на монокултура од едно сирење би било методолошки наивно и гастрономски срамно.
Денес спроведуваме синергиска интервенција со три карактерни ентитети: ја имаме старата гауда која настапува како когнитивно зрел аналитичар; шпанското иберико внесува пикантен, медитерански темперамент и кадифена липидна елеганција; а вајкинг блу упаѓа како сино-зелен ревизионист со енергија на скандинавски морепловец што не прашува за дозвола туку директно го редефинира вкусот. Положени врз истенчено пилешко филе и запечатени во тенок саркофаг од пршута, овие три сирења ја докажуваат тезата дека „тројката“ не е обично суеверие, туку највисоката форма на применета хармонија меѓу хаосот и формата.
Состојки:
- Пилешки гради / филети (истенчени и споени во рамна површина за ролање)
- Тенко сечена пршута (во доволен број парчиња за да се формира рамномерна подлога и обвивка)
- Стара гауда, сечена на тенки триаголници или ленти
- Шпанско иберико сирење, сечено на тенки парчиња
- Вајкинг блу сирење, издробено или сечено на мали парчиња
- Црвен пипер во прав и суви билки/зачини (по вкус)
Постапка:
1. На работна површина обложена со проѕирна фолија ги редиме тенките парчиња пршута едно до друго, со лесно преклопување, за да добиеме компактна правоаголна подлога.

2. Пилешките гради ги истенчуваме рамномерно со чекан или со внимателно засекување и ги редиме врз подлогата од пршута во еден поврзан слој, па ги зачинуваме со црвен пипер и суви зачини.

3. По должината на пилешкото месо ги распоредуваме сите три видови сирење, оставајќи малку простор на краевите за полесно виткање.

4. Со помош на проѕирната фолија цврсто и рамномерно го виткаме пилешкото со сирењата во ролат, а потоа го затвораме и во оклопот од пршута. Го обликуваме во тесна цилиндрична форма со помош на фолијата и го оставаме кратко да се стегне за да ја задржи формата.

5. Го префрламе ролатот на хартија за печење (во тава или огноотпорен сад) и го печеме во загреана рерна на 200 едно 25 минути, додека пилешкото целосно не се испече однатре, сирењата не се стопат во сочно полнење, а пршутата не добие убава боја и структура.


6. Откако ролатот ќе отстои неколку минути за соковите да се смират, го сечеме на рамномерни кругови (медалјони) на дрвена даска за сечење и го служиме додека е топло.

Одма се точат 3 ракии и 3 пива по особа, за да нема празни ходови, губење време и енергија. Наредните 3 со 3 се препорачуваат за околу 33 минути.

На 3-дравје!
Кирил Стоименов - тривијалист