Чудни се патиштата писателски.
Неодамна заради креативно истражување ги преслушував собраните (не)дела на Бијело дугме, почнувајќи од онаа фаза кога се викаа Јутро, па до оној предвоен албум (Чирибирибела), на кој несмасно се ширеше братство, единство и југословенство така што истовремено се пееше „Тамо далеко“ и „Лијепа наша“. Бијело дугме никогаш не го сакав ниту пак своеволно го слушав, колку што се сеќавам нивен последен албум кој го премина мојот праг беше „Ето, баш хоќу“ (издаден пред четириесет години) која некоја другарка, несвесна за мојот музички вкус, ми го подари за роденден. Но меѓу младината на социјалистичка Југославија, немаше значајна разлика помеѓу искуството на љубителот и оној кој ги мразеше, затоа што Бијело дугме, к’о слика на Тито, го имаше насекаде и постојано, па беше невозможно да се избегне. Се осудувам да кажам дека луѓето на мои години (педесетина) кои израснаа во бивша Југа имаат длабоко во потсвеста закопани многу нивни песни, каде истите сè уште делуваат, на различни начини: на некои им се вртат низ глава и им одат на нерви, а на некои им служат како основа за комплицирани системи на носталгија и сеќавања. Оттаму, во некои осум часа музика на Бијело дугме која ми течеше преку интернет немаше, што се однесува до мене, ниту еден неслушнат акорд, ниту еден непознат текст, Дугме никогаш не ме интересираше, но за нив знаев сè и уште знам и не можам да не знам. Не сум во состојба да цитирам реченици вака низ пишување, но ако некој ме разбуди среде ноќ и ми рече: Деде, бона, сјети се, де тако ти свега - истата секунда би му одговорил: Је л’ти боље са мном или сад уз њега.
Заталкав така во делот на сопственото минато кое го презирав и одбегнував, се вратив во речиси присилната татковина, каде наспроти моите долгогодишни напори ми беа познати сите тие рурално-урбани предели пренаселени со коњи, баби, топови, битанги, бекрии, курви, принцези и копилиња, а и со разни птици, сребрени риби, ружи, липи, лалиња, пелин, рузмарин (кој не венее), шаш, снегови и останати билки, ждребиња, срни, лажни Цигани и уште полажен југопатриотизам, како и со потерата на курвата - судбина. Тој простор озвучен со музички деривации со потекло од најлошото хард-рок странство, како и од богатата традиција на пијано дерење и милитантен сељачизам. Тука се љубат украдени рифови и народни песни, тука се дупат Ван Хален, гајди и дибада-диба-диба, тука липите цутат и сè е исто како и лани.
Во таа замислена земја - каде и селото и градот, и бавчата и имотот, се изградени врз принципи на балканско-бреговиќевски патријархален кич и за инает на темелните граматички и логички принципи - девојките уредно се гаѓаат со топови ако застанат со друг, а жените се главно курви, мали мои, вили или вештерки, често во кромби капут ако не се голи. На некои поп-музичкиот субјект (Брега, да не се лажеме) понекогаш радо се сеќава или пушта солза (пиле моје), а од некои дури и бара да му раѓа деца како колачиња или да го породи како срна на снег. Има тука некоја тајна врска, полубаукот полукружи над полуевропа, додека полната ко лубеница месечина над Босна, а ѕвездите смрдат ко бубуљици. Тука е и гореспоменатиот поп-музички субјект (то ест Брега), стар и ислужен војник, а во срцето антимеланхолик. Тука кога ќе остариш никој не тропа на твојата врата - ни поток со риби од сребро, ни младо ждребе со влажно око, ни јаболкница во цвет, никој да го ебеш. Тука воениот план се формулира на следниот начин: А кога ќе почне да се пука, ќе се покриеме преку глава, под мало ќебенце, јас и ти и ѕведичките, ќе грицкаме грозје, ќе чекаме војната да мине - и баш така војната и му помина на поп-музичкиот субјект (то ест на Брега).
Минав така неколку денови изложувајќи се на Бијело дугме, што предизвика (привремено искрено се надевам) помрачување на умот, во текот на кое срочив текст во стилот на Бијело дугме, ако недајбоже пак се спојат:
Kad srna u krombi kaputu
ubere zumbule na snijegu,
sjeti se, kurvo lastavice,
zrelih dunja i otkucaja
na tvoje prozore.
Refren:
Ej, eeej,
Kaži mi, kaži.
Eeeej,eeej, eej.
Kurvo lastavice,
Šta ti je, bona,
Kako možeš tako,
Eeej! Eeej!
Loš dan, mjesec ko zlatna ribica,
Liju aprilske kiše,
Više si ih imala
Od zvjezdica u moru,
Više nego ikad ja,
Srce od lubenice.
Kaži mi, kaži,
Kako možeš takva biti,
kurvo lastavice,
A poslije plešeš ko
Da ništa nije bilo, k’o
Balerina od marcipana.
Refren:
Ej, eeej,
Kaži mi, kaži,
Šta ti je, bona.
Eeeej,eeej, eej.
Kurvo lastavice.
Со децении така веќе негувам презир кон Бијело дугме и кон таа распродажба на носталгијата, која почна кога Брега пред четириесет години сфати дека неговата генерација на урбана младина има длабоки културни корени на село, каде им се родени родителите и дека е тенка линијата што ги спојува и раздвојува бабите нарикачки и електричната гитара, а се заврши со најевтина југоносталгија, која, интересно е да се забележи, доста му претходеше на самиот распад на Југославија. На тој презир сум му посветен и приврзан бидејќи истиот е всушност израз на некакви естетски и етички принципи врз основа на кои се обидувам да живеам.
Но синоќа сонував дека бев во мојот сараевски стан, и дека заради нешто излегов од него, а кога се вратив тој беше сосема празен - некој ни украл сè. Во сонот се чувствував одговорен, се грижев како ќе им кажам на родителите дека веќе ништо нема, бидејќи ми се чинеше дека јас бев тој кој никогаш не ја заклучуваше вратата и дека оттаму сум виновен што баш сè е однесено: и мебелот и телевизорот и сликите и пеглата и сите други нешта на кои се сетив кога ужаснат се разбудив од сонот. И потоа, во четири и пол по чикашко време, чепкав по предметите во тој стан во којшто пораснав, вклучително и по многубројни ситници кои или веќе ги нема или со години ги немам забележано, неупотребливи предмети кои собираат прашина и заземаат простор, кои е тешко да ги фрлиш или затоа што не знаеме каде се или затоа што се единствен доказ дека сме живееле животи во кои во својата баналност тие имале некаква функција. Нешта кои ги презираш, и без кои лесно се може ако ги имаш, но кои недостасуваат кога ги немаш.