Украина стана махер за воени иновации

Војната може да поттикне значителни иновации (или пропаганда, зависи како ја читате веста од британски Телеграф), а тоа го покажува и руско-украинскиот конфликт. Министерството за одбрана на Украина соопшти дека за само еден месец произвеле 175 нови системи за оружје, од кои 95 проценти се комплетно од домашно производство. На Америка ѝ требаат десет години за да скоцка два нови.

Британски Телеграф пишува дека на ниво на иновации во воената технологија, Украина е на ниво на американската Силициумска долина. Секојдневните информации од фронтот се користат како драгоцени лекции и веднаш се создава нов одговор за потезите на руската војска.

Во Соединетите Американски Држави дури и само два нови система на оружје можат да земат до десет години а и Германија произведува не повеќе од 20 нови парчиња воена опрема годишно.

Украина ја има таа (не)среќа да може да произведува новитети без вообичаената демократска бирократија и педантните забелешки од законодавците што стандардно го забавува процесот.

Подемот на украинските иновации во воената област започна после руската анексија на Крим во 2014 година. Украина тогаш се покажа комплетно неподготвена па подоцна голем акцент стави на противтенковски ракети и еднонасочни беспилотни летала за напад на фронтот во Донбас.

Се разбира, ништо од тоа немаше да биде ефикасно без Соединетите Американски Држави и нивното разузнавање преку сателитски снимки кои помогнаа оптимално да се распоредат воените капацитети на Киев.

13 јуни 2026 - 12:20