Време на уживање

Хеланки

Веројатно не постои друго парче облека кое може така ефикасно да ги нагласи како божанствените убавини на женското тело така и и најнепријатните облици на нивните долни половини. Знаевте ли дека први на светот се сетиле хеланки да облечат едни Скопјани? Оној белиот чичко, што седи покрај плоштад, со грбот свртен кон Вардар, ви текнува?

пишува Јелена П. Богавац

Во дуќани ги наоѓаме: туфнасти, пругасти, пепито, полупроѕирни, златни или каро.

На улица стануваат: слонасти, кржлави, млитави, фудбалерски, во икс, со целулит или без него.

Јасно е, станува збор за - хеланки!

Егзибиционизмот и декоративноста во секој нов стил низ историјата биле две неодвоиви состојки на модата. Поретко се судирале, почесто се согласувале. Денес, кога егзибиционизмот растура по планетата, во случајот со хеланките, едно е сигурно - тоа штипе за очи!

Тесни чорапи - ногавици, и тоа од еластичен материјал, прицврстувале за појас уште во шестиот век, Јустинијан и Теодора. Ама, тие тоа царски го носеле, скриено или умерено, под туника или наметка. 

Европјаните, отсекогаш "патолошки љубоморни" на "иновативниот Балкан", почнаа да го копираат Јустинијан и така со небитни измени тие ногавици се задржаа уште цели 10 века во европската мода. 

А потоа во 16-от век, на францускиот двор се роди Анри Трети, чие битисување е од судбинско значење за хеланките. Исчезнаа каишите со кои тие тесни ногавици биле врзувани за појасот па ногавиците "нараснаа" до струк. Ама. тука настана нов проблем, што со шлицот? И Анри се сети! На своите миленици и на телесната стража им ја прави прочуената брагета (la braguette) – тапацирано кутивче со полукружен облик кое се пришива врз "уважената зона" преку шлицот.

И така, во епохата на маниризмот хеланките се врцкаа по европските дворови, на мускулести машки нозе носејќи ја карикираната брагета преку препоните.

И потоа паднаа во заборав....

Нејасно е кој во новиве векови се досети да ги врати на улиците, ама кој и да е, требало да ги понуди во некоја поупотреблива варијанта. На пример, со секој купен модел да се делат десет бесплатни фитнес тетмани, или неотпакувани скалпели, или експрес диета, или можеби прибор за тапацирање. Може и некое илустрирано џепно издание "Убава жена".

Но, додека производителите на тоа не се сетат, хеланките остануваат да ги носиме и да ги гледаме. Впрочем, кога на таа "есенцијална неестетика" ќе стекнеме имунитет, таа ќе ни стане главен закон на естетиката. Не би било чудно ако еден ден, како најлон чорапи проткаени со влакна какви што има по секс шопови, се појават и хеланки со вградени бучки целулит, или хеланки со направени "колена".

Под неиздржливиот налет на хеланките, дури и фолклорната балканска еротичност потполно исчезна од улиците. Просто, понекогаш чезнееме по егзибиционистите во "широк мантил на голо тело," или по расните госпоѓи во тесни кошули со пластични брусхалтери кои по автобуси нè бодат по грбовите, или по мачо типовите во ѕвонарки....

Сите тие помалку штипат за очи.

14 март 2014 - 14:48