Досега на групни сослушувања пред имиграциските судови биле повикувани по триесетина луѓе. Сега се организираат „мега-мастер“ сослушувања на по повеќе од сто луѓе. Тоа им го намалува времето на имигрантите, особено на оние на кои им е прво појавување пред суд, да ги изложат своите аргументи да останат во САД.
Практиката почнала во судовите во Чикаго, Бостон и Челмсфорд, Масачусетс, а наскоро и во Имиграцискиот суд во Далас. Aдвокатката Ванеса Дохакез-Торез вели дека некои судови немаат доволно местo за сослушувањe со толку многу луѓе одеднаш.
Новиот тип сослушувања во голема мера се насочени кон луѓе кои не се застапувани од адвокати. Оние кои доцнат или воопшто не се појавуваат добиваат налози за депортација. Ова е смислено за да се зголемат автоматските депортации, вели Дохакез-Торез.
Таа додаде дека во некои случаи, владата доцни со известувањата по обична или електронска пошта до имигрантите или нивните адвокати, па оние кои не ги проверуваат редовно своите сандачиња може да пропуштат појавување пред суд.

Претседателот Доналд Трамп се стреми да депортира 1 милион луѓе годишно - многу повеќе од 600.000 луѓе во 2025 година. Трамп, исто така, се пожали на заостанатите милиони случаи, посочувајќи ги судовите како пречка за брза депортација.
За да ја забрза постапката, Извршната канцеларија за преглед на имиграцијата (EOIR) во текот на оваа фискална година вработи 153 нови судии, најмногу во која било година досега.
Анализа на NPR спроведена минатата година покажа дека се помалку луѓе се појавуваат на суд од страв дека ќе бидат приведени. Тоа властите го користат за да го забрзаат процесот.
Тие очекуваат дека мнозинството нема да се појави. Со издавање наредби за депортација во отсуство ќе можат да затворат повеќе случаи, изјави за NPR адвокат за депортација од Тексас.
EOIR исто така им дава приоритет на луѓе од одредени националности, главно Сомалијци, Сиријци и Иранци. Се забрзуваат и случаите на малолетни имигранти.