Дезинфекција - Користење на хемија која го убива вирусот или го поправа расположението. Популарни дезинфекциски средства во Србија се ракија маченица и ракија препеченица, за интерна и екстерна употреба. Може да се користи и медицински алкохол но тој има вкус на вотка а таа овде никогаш не била популарна. Добри се и геловите на база на алкохол ама тие имаат вкус на сапун па треба да се избегнуваат. Во Америка се користи и Доместос растворен во кофа млака вода а на иницијатива на претседателот Трамп, се разгледува и интравенозната употреба.
Епидемиолог - Човек од струката која секоја втора реченица ја започнува со фразата: „Јас не сум...“ (клиничар, вирусолог, политичар, космонаут, Елвис Присли) а потоа ви објаснува дека 50 заразени денес е многу подобар резултат од 50 заразени пред еден месец и ја фали власта која тоа го овозможила.
Корона - Најсмешниот вирус на светот кој постои само на Фејсбук. Настанал така што некој кинески мајтпаџија од Вухан се качил на антена на 5Г мрежа, изел чорба од лилјак и сето тоа го објавил на Фејсбук. Сосема неочекувано, постот станал вирален.
Маска - Основна заштитна опрема на секој поединец и популарен моден детал. Се носи така што се мести под брадата да ви ја придржува вилицата, да не шетате со отворена уста. Алтернативно, може да се носи како украс околу врат или како марамче во џеб од кошула. Во крајна нужда може да се стави и преку уста ама така што носот да остане слободен. Ако се навлече и преку нос, човек не може да диши, наочарите му се замаглуваат и може да умре.
Полициски час - Најефикасно средство во борбата против вирусот. Ноќе вирусот е опасен бидејќи го нема Сонцето кое го убива вирусот а некогаш ја нема ни Месечината. Затоа народната полиција нè заклучува по станови бидејќи вирусот не може да пројде низ заклучена врата. Оваа тактика е позната под името „збунување на вирусот.“
Социјална дистанца - Минимално растојание меѓу два поединци кое короната не може да го прескокне. Се смета дека изнесува два метра, со тоа што поимот метар е растеглив поим и зависи од контекстот: може да се скрати на половина ако се работи за кладилница или на нула ако се работи за автобус од јавен превоз. Традиционално средство за одржување на социјалната дистанца е лукот.
Ракавици - Дел од заштитната опрема чија намена долго време беше непозната за на крај да се испостави дека ракавиците одлично служат за да извалкате сè што некој друг ќе го пипне, а вашите раце да останат сочувани. Исто така се одлично средство со нив да се избрише нос а рацете да ви останат чисти додека со нив пребарувате по компири во маркет.
Парламентарни избори - Неспорно е утврдено дека распишувањето избори благотворно делува на народното здравје. После тоа, короната паѓа во втор план а од втор план, вирусот се лепи многу послабо. Короната, едноставно, е вирус кој бара максимален публицитет и ако го нема во медиуми, оди во друга земја кадешто уште објавуваат вести за него.