Конгресот на САД првпат по 2008 година не ја продолжи алатката што на разузнавачката заедница ѝ овозможуваше да шпионира странци, но и без налог да има надзор врз американски граѓани. Деветнаесет републиканци им се придружија на 199 демократи и гласаа против.
Важноста на Законот за надворешно разузнавање (FISA) завршува денеска. Спорниот Член 702 им дозволува на разузнавачките агенции без налог да шпионираат странски државјани и во САД и во светот, заради откривање терористички и други закани за националната безбедност.
Поради правна дупка, тоа овозможува и следење на комуникациите на сите Американци со странци – електронска пошта, пораки и разговори по телефон. Самиот Трамп се жалеше дека бил жртва на ваква злоупотреба.
Сенаторот Рон Вајден забележа дека повеќето овластувања на FISA ќе останат во сила до март 2027 година, дури и ако програмата престане да важи. Компаниите сè уште ќе бидат законски обврзани да ги почитуваат директивите за предавање на податоци за комуникација на целите.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.