Трамп бара од МАГА да се откаже од приватноста за „поголемо добро“

Трамп создаде огромна база од поддржувачи и победи на изборите поради политиката за одбрана на приватноста и на граѓанските права. Сега бара од своите најтврдокорни следбеници од MAGA да се откажат од своите лични права и да им дозволат на федералните власти да ги шпионираат без налог, заради поголема безбедност и за „доброто на нацијата“.

Претседателот Доналд Трамп го притиска Конгресот да ја усвои програмата за шпионирање FISA во чиста форма, без амандмани, дури и ако тоа значи откажување од „права и привилегии“.

Ги молам републиканците да се обединат и да гласаат заедно за чиста верзија на законот. Треба да се држиме заедно кога овој закон ќе дојде пред Комитетот за правила на Претставничкиот дом за да го одржиме ЧИСТ!, порача Трамп на Truth Social.

Бунтовници во редовите на Републиканската партија не го послушаа. Дванаесетмина, заедно со речиси сите демократи, гласаа против компромисниот договор што им беше понуден во последен час. Претставничкиот дом усвои само краткорочно продолжување на шпионските овластувања за федералните власти до 30 април.

Тоа им остави време за дискусии како да се справат со Член 702 од Законот за надзор на надворешно разузнавање, кој дозволува собирање податоци на Американците без налог. Отфрлени беа трите амандмани предложени од републиканскиот конгресмен Томас Маси, со кои се бараше органите на спроведување на законот да добијат налог за да собираат податоци.

Барањето од Трамп е пресврт во однос на 2024 година, кога како претседателски кандидат бараше од Конгресот да го укине законот.

Убијте го FISA. Нелегално беше користен против мене и против многумина други. Тие ја шпионираа мојата кампања, забележа тогаш Трамп.

Сега, неполни две години подоцна, но од позиција на претседател, тој тврди дека сите Американци треба да бидат подготвени да го жртвуваат своето право на приватност што произлегува од Четвртиот амандман. 

Иако делови од FISA за жал беа нелегално употребени и против мене во срамниот лов на вештерки од демократите при измамата Русија, Русија, Русија, а можеби ќе бидат употребени против мене и во иднина, јас сум подготвен да ризикувам откажување од моите права и привилегии како граѓанин за нашата голема војска и земја!, порача Трамп.

Тој додаде дека FISA 702 им е „очајно потребна“ на воените патриоти и дека е една од причините за „огромниот успех на бојното поле.“

Со промената на ставот, исто како што направи и со војната против Иран, тој ги разочара и ги разгневи своите најголеми следбеници, кои го поддржуваа Трамп затоа што беше против војни и против загрозување на приватноста на граѓаните.

Тој сака да се согласиме да ѝ дозволиме федералната влада да нè шпионира преку FISA. Секој што сè уште го поддржува овој човек е предавник. Тој направил целосен пресврт од 180 степени од политиката на MAGA, коментира Кендис Овенс. 

22 април 2026 - 11:02