Пред неколку години за Рамазан, српскиот амбасадор во Мароко од своите ддомаќини на подарок добил овен. Тоа животно се подарува во знак на исклучителна чест и не без посебна причина. Проблем е што таквиот овен не смее ни да се продава ниту да се подарува на друг па во српското МНР стигнала следнава строго доверлива депеша:
"Овенот беше во дворот. Вратата на амбасадата беше отворена а во салонот имаме големо огледало кое Јосип Броз Тито пред неколку децении го доби за подарок од Мароканците. Кога животното го виде својот лик во огледалото, се залета кон него и го искрши. Тоа не е единствената штета која ја има направено. Ве молам да ми помогнете да најдеме начин да се ослободиме од тој овен."
Своевремено на српските амбасадори им биле признавани трошоците за држење кучиња чувари во амбасадите. Откако тоа се укинало, амбасадор од една западноевропска земја се пожалил:
"Кога ја презедов должноста, кучето веќе беше на служба во амбасадата. Со оглед на тоа што парите за негово одржување се укинати а јас не можам да го хранам, чекам упатство што да правам со него," пишал амбасадорот со 4 илјади евра месечна плата.
Актуелниот политички директор на српското МНР пред некое време вовел обврска амбасадорите редовно да испраќаат извештаи за својата работа и ситуацијата во земјата во која службуваат. За да ја исполнат нормата, дел од амбасадорите испраќале комплетно банални извештаи со податоци од Википедија за тоа колку квадратни километри има земјата, кој е главен град и слично.
Дел од нив целосно ја промашиле темата.
"Извести дека состојбата на нашата дијаспора е добра а главни проблеми се образованието и кариесот. А потоа половина час зборуваше за кариес", открива за српски Блиц неименуван дипломатски извор.
"Наша позната естрадна ѕвезда одржа многу успешен концерт на кој се собраа голем број луѓе од нашата заедница како и доста познати и влијателни Срби," пишал српски дипломат и ја исполнил својата норма.
"Што јас да ви кажувам кога се имате во медиумите," пишал друг од кого МНР со денови барало да извести што се случува во земјата која ја погодила голема природна несреќа.