Убедена сум дека најдосадната група на луѓе е оној кој себе си се нарекува „кучкари“. Полоши се од „мачкарите“. Кога во друштво ќе тргне муабет за мачки, тоа знае да биде заморно, но дискусијата релативно брзо стивнува - ќе се разменат неколку фотки и крај на приказната. Бидејќи миленичето не е тука, таму е, дома, дреме на радијаторот и не замара со своето присуство. Сепак, има една цака: ако некој случајно рече дека не сака мачки, доаѓа до драматичен пресврт во кој невнимателниот бива нагрден и етикетиран засекогаш.
Со кученцата и нивните сопственици е сосема друга работа. Елем, скоро и да нема човек што не сака кучиња (сепак е мал бројот на каснати фобичари), и да се каже дека не сакаш кучиња е еднакво дека не сакаш деца. Второ, кучето е скоро секогаш присутно, а сопственикот орен да зборува за него / неа: како лае на полицаецот, како победил на натпревар, како гледа телевизија со разбирање ... Повеќето сопственици на кучиња очекуваат восхитување за нивните миленици, градбата, крзното... Во најмала рака од вас се очекува да забележите колку има убави и паметни неговите очи: „Боже, само не прозборел!“ Трето, постои оправдување за сè што прават нивните сакани миленичиња - ако лае како луд, го брани газдата, ако касне човек, го осетил дека е манијак, ако касне дете, тоа е затоа што ова прво замавнало со рака, ако ја искине магистерската теза, кучето било само тажно зашто било оставено само дома. Мачките ни оддалеку не се толерираат толку многу, бидејќи се „префригани и само смислуваат некои пакости“. Кучињата, за разлика од мачките, се трансформерси кои успешно го имитираат сопственикот, подготвени да го отфрлат кучешкиот и да добијат изглед на човек. Кога куче ќе угине, скраја било, сопственикот страда и неговата болка е општествено прифатлива. Тага по мртвата мачка е скоро секогаш предмет на потсмев од околината, чест на исклучоци.
Кучето е рамноправен член на семејството и во повеќето случаи таков е и односот кон него, особено ако се работи за кученце. Во тој случај, суштинската разлика помеѓу младунче од човек и младунче од куче е скоро непостоечка: се готви одделно и за детето и за кучето, играчка за детето, играчка за кучето, легло за детето, легло за кученцето ... А парењето, тек тоа е циркус. На домашните кучиња не им паѓа на памет да избегаат од дома, да најдат партнер, да направат потомство и да се вратат дома; тие трпеливо чекаат „мамичка и татичко“ да им најдат добра прилика.
Познавав еден кучкар, многу горд на својот териер Ѓуро. Ѓуро имаше колекција четки со кои може да се пофали дворска дама: четка за отстранување нечистотија, четка за отстранување мртви влакна, четка за полирање крзно... Ѓуро и неговиот шеф вечно кубуреа со финансии затоа што сопственикот мораше да одбива работни места - немаше кој да се грижи за Ѓуро. Од друга страна, сирот Ѓуро страшно страдаше по разводот на неговите газди. Разведените се согласија: Ѓуро е со мене преку недела а ти можеш да земеш за викенд. Ѓуро не знаеше кој му е газда, ниту кај му е дома, падна во депресија и сè помалку личеше на териер, а сè повеќе на дете на разведени родители.
Осамените кучкари, колку и да се чудни, не ја загрозуваат околината и се прилично симпатични. Освен што се ужасно досадни. Ги препознаваме по нивните питоми миленици и интересот за други кучиња. За разлика од нив, кучкарите фолиранти не се вистински љубители на животни. Тие одгледуваат само чистокрвни кучиња, презираат мешани раси, а по џукели маваат со камења. Потекнуваат од подобри градски куќи, нивните кучиња се негувани и најмногу изгледаат како нивните газди. Оваа категорија луѓе и кучиња меѓусебно се почитуваат, редовни се на изложби каде што емоциите попрецизно се дефинираат согласно освоената награда. Нешто како брак од интерес.
Постојат и така-се-случи кучкари. Тоа се оние кои земале кутре за детето и штом сфатат дека кученцето е живо суштество, неуспешно се обидуваат да се раатисаат од него. И така, кучето останува во куќата, како колатерална штета. Детето некое време игра со него, а потоа им го остава на родителите, кои најмногу мразат влакна по куќа и шетање во ниедна време. Кучето наскоро станува офуцано и јадно, со тажен 'кучешки' поглед.
Агресивните кучкари се најопасните подвидови во оваа, набрзина направена категоризација. Нивните кучиња се, секако, питбули или некоја друга генетска грешка. Бидејќи се свесни за доминацијата во просторот, не им е многу гајле за манири и коректно однесување и не постои закон кој би ги зауздал. Со гордост истакнуваат дека нивното алтер его може да распарчи пудлица за само неколку минути и уживаат кога другите им се тргаат од патот. Се дружат со слични кучкари, ги хранат своите кучиња со живо месо и ги пријавуваат за борби со кучиња. Не живеат долго, ниту сопственикот ниту кучето.