Во познатото дело „Демократијата во Америка“, Алексис де Токвил смета дека централната струја која ја држи Америка е струјата на морал и вредности кои ги промовира и одржува тогаш доминантниот протестантизам. Оваа религија има формативно влијание врз американската култура со тоа што е фокусирана на спасението и е аполитична (затоа не чуди што американската книжевност го нема својот Емил Зола), влијае врз секојдневието на луѓето преку обредите на венчавки, погреби и црковни збирања и го промовира речникот на Библијата во јавниот говор.
Но, тоа е така кога преку 50% од Американците припаѓаа на оваа конгрегација. Денес се помалку од 10%.
Авторот на „Анксиозното доба“ (на Амазон овде), Џозеф Ботум, оценува дека денес сме сведоци (честопати жртви) на пост-протестантизмот кој религиските уверувања ги има прелеано во сферата на политичкото. Тоа е христијанство без Христос, сведено на социјален активизам, со гревот како централна категорија но сега протолкуван како социјален грев.
Белата привилегија е наследена вина која доаѓа од тоа што некој е бел. Таа има иста логика и структура како и и библискиот грев, со тоа што од пра-гревот постои спасение но од ова не. Од белата привилегија само можеш и требаш сè подлабоко и подлабоко да се срамиш и да признаваш дека си грешен со тоа што си бел.
На тоа се надоврзува остракизмот (потекнува од прогонувањето на граѓани од стара Атина) и избегнувањето односно бојкотирањето.
„Пред две години, во Nation беше објавена една поема во која постар просјак му дава совети на помлад просјак како од луѓето да се изгребат пари. Твитер глутницата тргна во поход по поемата, на основа на тоа што авторот бил белец од Минесота. Магазинот се извинуваше што ја објавил, авторот се извинуваше што ја напишал. Тоа е целта на прогонот: ако си грешен, ќе бидеш исфрлен од Храмот и единствен начин да се вратиш е да станеш фанатик и да ги убедуваш луѓето дека разбираш колку си грешен. А и тогаш не е сигурно дека ќе ти биде дозволено враќање. Еден од ефектите на отфрлањето е сите слични да ги замолчиш од страв, да издејствуваш некој да биде исфрлен од работа, да го снема од видик. А не е незанемарлив и ефектот на јавно манифестирање на силата: видете нè колку сме јаки, видете што можеме да им направиме на луѓето“, вели Ботум.
Тој цени дека Америка никогаш до крај не го решила проблемот со расизмот но е сигурен дека тој нема ни да се реши со зовриени емоции или апсурдни идеи за распуштање на полицијата.
„Една од најголемите опасности е религиозните идеи да ги третираш како политички. Линијата која јас ја користам за препознавање на овој феномен е дека ако веруваш дека твојот политички опонент не е само во грешка туку е зло, тогаш престануваш да се занимаваш со политика и почнуваш да се бавиш со религија.“
Шон Колинс (американски дописник на Спајкд): Тоа што белец ќе ја признае својата вина и јавно ќе декларира „Јас имам бели привилегии“ не прави ништо за да се адресира расната нееднаквост или да се сменат материјалните услови за црните Американци. Нели е тоа некако егоцентрично и нарцистичко?:
Џозеф Ботум: Да, но тоа е начин на кој објавуваш дека сакаш да си спасен, бидејќи си ја признал вината.
Колинс: Имам забележано дека се одбегнува секаква детална анализа на економските и социјални услови или анализа на конкретна политичка реформа. Наместо тоа, прашањето за расите, покренато од случајот со Џорџ Флојд, се сведува на просто морално згрозување или на некое општо повикување на „системски расизам.“ Постојано слушаме „Леле, зошто мора да ви ги објаснуваме овие работи“, небаре овие прашања се отаде дебатата.
Ботум: Сега живееме во време на ад хоминем. Главен начин за да се одговори на некое тврдење е да се каже нешто за оној кој го изрекол тврдењето. Идејата ти е лоша ако некои лоши луѓе имале слична идеја (на пример, ако си за градење патишта, а и Хитлер бил за истото, значи дека делиш исти ставови со Хитлер). Бери Вајс, уредничката на „писма на читатели“ во Њујорк Тајмс која даде оставка (види „Како твитер-багри и линчувања ѝ штетат на демократијата“ ) не може да е во право бидејќи конзервативецот Тед Круз има форвардирано нејзин твит.
Најлошото парче журнализам кое сум го сретнал беше една статија на Вашингтон Пост од јуни годинава, за Халовин забава од пред две години на која некоја бела жена се појавила со црно лице. Со оглед на тоа што таа ниту е позната, ниту е јавна личност, секој уредник би му рекол на новинарот, не ме зезај, дај ми некоја вистинска вест. Но Вашингтон пост за оваа приказна одвои 3.000 зборови. Кога доаѓате до крајот на статијата, сфаќате дека таа жена веќе добила отказ од работа затоа што нејзините шефови дознале дека Вашингтон пост пишува за неа.
Не е доволно само да сакаш да си од „добрите'“. Потребно е постојано да си понизен, да се согласуваш со обвинувачите. Ако не, тогаш си зло. Мерло -Понти пишуваше за московските јавни судења кога обвинетите го признаваа и она за кое знаеја дека не се виновни.
Зошто се оди толку далеку со култирата на откажување? Зошто едно движење има потреба да ги прочистува сите кои не се согласуваат со нив?
Видете, не сакате следбеник на Сатаната да доаѓа во вашата црква. И овде не се сакаат „злите“ во својата црква, со тоа што црквата им е Твитер а миси се јавниот живот.
*******
Види и:
„Она што мене ме снеможува е што целиот овој кошмар веќе нема рационални туку религиозни параметри. Едниве со она “само ова зло да помине”, другите со она “само она зло да не се врати”. А злото е библиска а на правно - политичка категорија. Прогласи се себе за добро, противникот за зло и на чекор си да дојдеш до конечното решение – да го сотреш злото. Со тоа што е мое да потсетам дека до истиот заклучок дојде и Ајхман кој веруваше дека има конечно решение за еврејското прашање“.