Потребни состојки:
- јајца 10
- брашно 300 г
- шеќер 300 г
- ванилин шеќер 2 ќесички
- прашак за пециво 1/2 ќесичка
- млеко 1 л
- хопла блага 1 л
- карамела
Ми текнува едно време кога цел град збудале по трилече. Трилече та трилече, каде и да се свртев. Еден другар одеше специјално во една слатката во чаршија за да го јаде. Мислам дека и од таму почна приказната, па се разви низ повеќето слаткарници. Ова зборам за Скопје, за Гостивар не правиме муабет :)))
Инаку, трилече не сме го измислиле ние, постои како десерт, и тоа во различни форми (колач, сладолед...) и датира уште од 1930 година. Некои велат дека оригиналот е од Албанија, а некои дека е од Латинска Америка, кај нив познато како Tres Leches (три млека). Кои се трите млека?
Evaporated milk - свежо, хомогенизирано млеко од кое е извадено 60% од водата.
Condensed milk - кондензирано млеко со додаток на шеќер
Heavy cream - млечен производ што содржи повеќе од 36% масленост (ние ја имаме павлаката за готвење, но е со 20% масленост)
Е сега, овој рецепт е многу поедноставен и попристапен за сите, а и мислам дека е повкусен од латиноамериканскиот :)))
Чекори за подготовка:
- Прво ќе ја спремите тавата за печење. Намачкајте ја со зејтин целата, дури и рабовите. Ставете хартија за печење и од самиот зејтин ќе ви се залепи без да ви штрчи.
- Секогаш кога спремате рецепт со јајца, потрудете се да бидат на собна температура. Па така и овие 10. Раздвојте ги белките од жолчките, со тоа што белките нека ви одат во поголем сад за матење, а жолчките во многу помал, колку да ги собере.
- Матете ги белките и полека додадавајте го шеќерот во кој претходно ќе ги ставите двете ќесички ванилин шеќер. Треба да добиете шлаг, убав и цврст и мазен.
- Без да престанете да матите, додадете ги жолчките, но една по една.
- Кога ќе изматите сѐ, ќе добиете една ваква смеса.
- Земете поголема цедалка и ставете го брашното во кое претходно ќе го ставите прашакот за печиво. Полека просејувате и ќе мешате со поголема дрвена лажица или со рачна маталка. Немојте одеднаш да го просеете цело брашно. Малку по малку и константно мешајте.
- Смесата ставете ја во веќе подготвената тава и распоредете ја еднакво.
- Ставете ја да се пече во веќе загреана рерна на 180 степени, печете 40 минути. Откако ќе се испече, ќе го оставите тестото комплетно да се излади, во самата тава.
- Земете една поголема крпа, ставете ја врз тавата и превртете ја. Тестото лесно ќе излезе бидејќи има хартија. Внимателно извадете ја хартијата. Најмногу внимавајте на рабовите и ќошињата.
- Истата тава вратете ја врз тестото и повторно со помош на крпата превртете ја. Всушност тестото го враќаме назад во тавата без да се скрши.
- Пресечете го на еднакви коцки. Јас тоа го правам со лењир :), плус ми помага при сечењето. Најубаво ќе сечете со ребрасто ноже.
- Во поголем сад ставете ги млекото и хоплата заедно. Земете една кутлача и почнете да полевате. Полевајте насекаде, а најмногу по ќошињата. Тестото веднаш ќе ја впие цела течност.
- Намачкајте убав слој со карамелата (ја има во повеќето продавници, во пластично канче).
- Ви препорачувам да ја ставите тавата во фрижидер едно половина час пред да послужите. Декорирајте по ваш избор и нека ви е на здравје!