“Да ве прашам нешто господине Озборн”, ми рече еднаш еден доктор во Америка, откако ја погледна листата со сите тешки супстанци кои ги користам уште од шеесеттите години.
“Oк, кажете”.
“Зошто уште сте жив?”
И јас честопати си го поставувам истото прашање. По сите проценки, јас сум медицинско чудо. Кога ќе умрам, би требало телото да го донирам на Природонаучен музеј. По 40 годишно пијанчење, тоа сè уште е во одлична состојба. Еден период пиев по четири шишиња коњак дневно, се онесвестував, се будев и продолжував. Додека снимавме “Озборнови” пиев 42 вида лекови, наутро, на пладне и навечер – и сето тоа пред да ја испушам целата таа трева во мојата “безбедна” соба, далеку од камерите. Во меѓувреме, пушев пури како да се цигари. Ги пушев дури и во кревет.
“Ти пречи?”, ќе ја прашав Шерон додека палев уште една кубанска пура со големина на подморницата “Црвениот октомври”.
“Ма не, слободно запали”, ќе ми речеше пред да ме удри со магазинот.
Има еден куп работи од кои успеав да не умрам за време на мојата рокенрол кариера: како ударот од авион кој се судри со нашиот автобус, додека спиев, или тогаш кога СИДА тестот по грешка се покажа позитивен, или кога ми кажаа дека “веројатно” имам Паркинсонова болест (погрешија, бидејќи излезе дека имам ретка генетска состојба, тресење на телото слично на она при Паркинс). Едно време дури бев и во лудница.
“Дали мастурбирате, господине Озборн?”, беше првото прашање кое тогаш ми го поставија.
“Овде сум за мојата глава а не за патлакот”, им одговорив.
А потоа ме лечеа од беснило, откако со заби откинав глава на лилјак, нешто за што сигурно сте слушнале еднаш или два пати во животот. Сè што сакам да кажам е дека помислив дека е гумена играчка, се колнам во моите 17 кучешки животи.
Ох, и да, умрев дури два пати: еднаш (барем така ми кажаа) додека бев во вештачки предизвикана кома, откако го скршив вратот во несреќа со мотор во 2003-та година. Благодарение на докторите и медицинските сестри, сега имам повеќе шрафови од шкафче на Икеа.
Можете да си претпоставите што помислив кога од магазинот Сандеј Тајмс ме повикаа да бидам нивен колумнист кој ќе дава совети за здравје. Да бидам искрен, си реков дека луѓето се зезаат со мене. Но, кога размислив подобро, тоа доби смисла. До сега имам видено буквално илјадници доктори и имам потрошено преку милион фунти на нив, што понекогаш мислам дека многу повеќе знам што значи да се биде доктор од самите доктори.
И сето тоа не е само поради мојот начин на живот, туку и затоа што сум најстрашниот хипохондрик на светот. Можам да префатам болест и преку телевизија. Мене ми е хоби да бидам болен. Дури почнав самиот да се дијагностицирам, благодарение на Гугл (или поточно благодарение на мојот асистент Тони, бидејќи баш и не сум Стив Џобс кога се во прашање компјутерите).
Сосема разбирливо, прашањето кое најчесто ми го поставуваат е: “Ако си толку голем хипохондрик Ози, како можеше да користиш толку многу дрога?”. Но, работата е во тоа што кога имаш толку порочна личност како мојата, никогаш не мислиш дека би можело да ти се случи нешто лошо. Тоа е како да си велиш: “Па, добро, не земав толку многу како тој-и-тој. Не пиев толку многу како него, не користев толку кокаин”. Тоа може да функционира теоретски, но во мојот случај тој-и-тој, беа докажани лудаци како Џон Бонам или Томи Ли, кои толку го полнеа носот што можеа да маршираат до месечината и назад. Друга работа која постојано си ја викав беше: “Доктор ми ги препиша лековите, а тој знае што прави. Мора да знае, нели?”. Но, го игнорирав фактот што често пати ги пиев на своја рака а ако нешто не сум, тоа е квалификуван медицински професионалец.
Тоа ги објаснува сите мои “блиски средби со смртта”: се предозирав, доживував напади... Повеќето пати за тоа ја обвинував дислексијата: “Мислев дека пишува 24 пилули на секои два часа а не две пилули на секои 24 часа”.
Интересно е тоа што за моите пријатели со години важам за доктор Ози – главно затоа што порано бев подвижна аптека. Се сеќавам во осумдесеттите години, кога еден пријател ми дојде со болка во ногата. Го земав специјалното куферче, извадив апче со големина на топче за голф и му реков да го испие. Му дадов ибупрофен, кој тогаш се купуваше “под тезга”. Се врати после неколку часа и ми рече: “Доктор Ози, ти ме излечи!”. Единствен проблем беше што му дадов 800 милиграми, доволно да се излечи и дебел слон. На типот лекот му делуваше цел месец. Но, тоа беше во старите добри времиња, пред да ги измислат тужбите. Сега никогаш не би направил такво нешто.
Лековите не се единственото нешто што им го давав на моите пријатели. Ќе ви звучи чудно, но многу луѓе од мене бараа семејни совети, особено последниве неколку години. Веројатно затоа што додека снимавме “Озборнови” се грижев за Кели и Џек, па си претпоставуваа дека сум некој вид „Бил Козби на зомбијата“ или нешто слично. Ме прашуваа нешта како: “Како да зборувам за секс со моите деца?” или пак “Како да разговараме за дроги?” Со задоволство би помогнал, но проблемот е што кога со децата зборував за дрога, разговорот одеше главно во насока: “Имаш да ми дадеш нешто?”. Но, мислам дека сега сум многу подобар татко. Во моите најлоши денови на зависност, јас всушност и не бев татко, бев уште едно дете на Шерон. Но, сега сум сосема поинаква личност: се одржувам, не пушам, не пијам, не се дрогирам – барем не со нешто што не е ендорфин.
За мене, главната причина за промена на животниот стил не беше моето здравје, туку фактот што повеќе не ми беше забавно. Бев на клоназепам, золпидем, темазепам, алкохол, кодеин, перкоцет, а тоа беше само за почетници. Морфинот ми беше омилен. Долго време не сум го користел, затоа што Шерон редовно ме наоѓаше во бессознание додека кучето ми го лиже челото. Фала му на Бога што ме натера да престанам, инаку одамна ќе бев два метра под земја.
Пушењето е тоа што ме доведе до работ. Јас сум пејач, така заработувам за живот, но поради цигарите искашлував по цела кутија Малборо, до тој степен што не можев да одржувам концерти. Беше смешно, најглупавото нешто што можете да си го замислите. Цигарите први ги откажав а потоа почна да се тркала топчето. Сега земам лекови само за вистински причини, како на пример за висок холестерол, депресија или болки во срцето.
Ме чудат луѓе кои никогаш не прават контрола и не одат на доктор, дури и кога се полумртви. Пред една недела бев на проверка на простата и не ми се веруваше кога некој од пријателите ќе ме прашаше: “Твојата простата? Што е тоа?”, а јас велев: “Жените добивата рак на дојка а мажите на простата”. Еден дури ме праша: “Каде се наоѓа тоа чудо?”. Му реков: “Во газот” а тој продолжи да прашува: “Тогаш како се прегледува?”. Одговорив: “Па како може? Сe почнува со гумени ракавици и завршува со твојот глас повисок за 10 октави”.
Мојот лекар за простата во Лос Анџелес вели дека секој маж постар од 50 години развива некаков проблем со простата, но само половината од нив се тестираат. Во денешно време ракот на простата се лекува ако се открие на време. Исто е и со ракот на дебело црево. Мислам дека сум првиот кој ќе признае дека подготовката за тест за рак на дебело црево не е воопшто гламурозна. Ти даваат да испиеш една одвратна течност а потоа мора така добро да се испразниш, да задникот ти стане толку чист што кога ќе отвориш уста, од другата страна ја гледаш дневната светлина.
Не сум хипохондричен од секогаш. Додека растев во Астон, Бирмингем, имавме семеен доктор Розенфилд, кој постојано го избегнував бидејќи имаше рецепционерка со брада. Не се зезам, долга, црна, рунтава брада. Ме вадеше од памет. Ординацијата на др. Розенфилд беше толку валкана, што полошо ни беше кога излегувавме, отколку кога влегувавме. Тој не беше толку лош човек, но и не беше многу утешителна личност. Еднаш кога паднав од дрво си го повредив окото, па ми потече како балон. Кога дојдов дома, татко ми прво ми даде една заушка а потоа ме прати кај него. Кога отидов кај него, и тој ми залепи заушка!
Пред извесно време ми ги средија очите, бидејќи со години страдам од катаракта. На многу начини јас сега сум комплетно нов човек. Уште од шеесеттите години не сум се чувствувал волку добро. Освен очите, друга голема промена во мојот живот е тоа што станав вегетаријанец. Сериозно. Тоа е мојата нова фаза, кафеав ориз и зеленчук. Не пијам дури ни млеко, освен кога ставам по малку во чај. Тоа не е поради животните. Па, јас едно време работев во кланица. Нема шанси да ме видите на протестен марш низ замрзната тундра или како бркам луѓе кои ловат фоки. Едноставно стомаков повеќе не може да го вари месото.
Не дека сум нешто навлечен на глупостите за органска храна. Луѓето мислат дека ќе си купат уште еден ден на Земјата, па дозволуваат да бидат опљачкани. Ако сакате органска храна, одгледувајте ја самите. Тоа го правев додека бев во брак со мојата поранешна сопруга, со која имавме колиба во Рентон во Стафордшир. Градината е одлично место и за криење дрога. Само што јас кога ќе се стонирав, заборавав каде сум ја закопал. Еднаш цела недела се обидував да го најдам авганистанскиот хашиш во градината. Некој ќе помислеше дека ептен сум се загрижил за моите моркови.
Претпоставувам кога ќе слушнат вакви приказни, луѓето ќе помислат дека сум лош пример за да делам совети. Не им противречам и не сакам некој да помисли: “Ох, ако Ози го преживеал сето тоа дивеење, можам и јас”. Но, знаете што? Ако луѓето можат да научат од моите глупави грешки без да повторат некоја од нив, или ако можат да најдат утеха во лудите нешта низ кои со години минуваше моето семејство, или ако моите исповеди за колоноскопија помогнат да го пребродат срамот за тестирање рак на дебело црево, тогаш тое е повеќе од доволно за мене. Доктор Ози ја извршил мисијата.
Уште нешто, како хипохондрик никогаш нема да му кажам некому да престане да се грижи или да дојде подоцна ако неговите симптоми се влошат. Во ординацијата на доктор Ози, сe ќе биде сфатено сериозно. Како што секогаш им велам на моите доктори: “Еден ден ќе стоите пред мојот гроб додека свештеникот ја чита пофалбата, ќе погледнете надолу и ќе го видите епитафот изрезбан на надгробната плоча
„Ви реков дека не ми е добро”
Ози Озборн