Како во ера на компјутери, изгубија компјутерџиите?

Со години компјутерските науки беа третирани како „златна“ професија, која гарантира стабилна и добро платена работа. Но, како што вештачката интелигенција ја преобликува индустријата, младите се откажуваат од студирање информатика, свесни дека машините го преземаат товарот на програмирање. Фокусот сега е на студиите што нудат најголем потенцијал за примена на ВИ.

Сè уште има многу неизвесност околу тоа како вештачката интелигенција ќе го преобликува пазарот на трудот, но доминира една тема: важна е прилагодливоста.

Како што технологијата еволуира, експертите велат дека студентите треба помалку да се фокусираат на потрагата по безбедна насока, а повеќе на градење вештини, вклучително и учење како вештачката интелигенција се применува во нивната област, за да останат конкурентни додека природата на работата се менува, пишува авторката Викторија Весовски за Moneywise.

Во периодот помеѓу 2008 и 2024 година за околу пет пати се зголемил бројот на студенти што дипломирале компјутерски науки во САД, надминувајќи го растот во други области што нудат високи плати, како медицината и машинското инженерство.

Овој тренд сега губи на интензитет. Новите податоци бележат пад од 8,1% на уписите за додипломски студии за компјутерски науки, што е најостар едногодишен пад за која било професија во изминатата година. Запишувањето на постдипломски студии се намалило уште повеќе, за 14%.

Развојот на вештачката интелигенција значително го збриша програмирањето како сигурна професија. Од информатичарите повеќе не се бара да пишуваат кодови, туку вештини да ги користат алатките со ВИ за програмирање, забележа неодамна Сајмон Џонсон, добитник на Нобеловата награда за економија.

Инвеститорот Мет Шумер во есеј на X оценува дека овој ефект од развојот на технологијата наскоро би можела да се одрази и во други професии, како правото, сметководството или медицината. Таа вознемиреност веќе се појавува на пазарот на трудот. Во изминатите неколку години новите дипломци имаат потешкотии да најдат работа, при што петта година по ред нивната стапка на невработеност ја надминува вкупната стапка на САД.

Тоа се одразува и врз изборот на студентите. На Универзитетот Принстон, каде што компјутерските науки беа најпопуларната насока од 2011 година, дипломирале само 74 студенти од класата во споредба со 117 и 150 соодветно во претходните години.

Компаниите сè уште нудат високи плати, но сè повеќе за улоги што вклучуваат работа интегрирана со ВИ, а не натпреварување со неа, објаснува Шимон Русинкиевич, претседател на одделот.

Како што интересот за компјутерски науки се намалува, другите технички области добиваат на интензитет. Бизнисот, здравството, општествените науки и историјата остануваат најпопуларните насоки во САД, а компјутерските науки се рангираат дури на седмо место.

Уписите по машинско и електротехничко инженерство се зголемија за околу 11% и 14%. Машинското инженерство нуди пофлексибилен пат во економијата управувана со помош од ВИ, со потенцијална примена во индустрии како роботика, воздухопловство, беспилотни летала и електрични возила.

19 мај 2026 - 11:19