Во најновата книга на Славој Жижек (Против двојната уцена: Бегалци, терор и други проблеми со ближниот свој) се анализира мигрантската криза а авторот идентификува неколку нејзини незгодни аспекти: контрастот меѓу западните вредности и оние вредности кои со себе ги носат луѓето од Блискиот исток и од Африка, заканите од тероризам и тензиите произведени од битката за работни места и ресурси.
“Левицата денес се обидува да ги игнорира или минимизира проблемите. Мојата книга е очајнички крик да не молчиме за нив", вели филозофот кој ужива популарност на рок ѕвезда.
Уште по терористичките напади во Париз од лани, Жижек говореше дека либералите мора да престанат да ги спречуваат отворените дебати за новите закани и безбедносни теми кои ги носат бегалците. Тој потсетува дека бегалците доаѓаат од општества кои различно ги толкуваат човековите права, и дека тоа мора да се има во предвид, за разлика од денешната европска левица која не успева да прејде преку идеолошката догма дека човековите права се универзални и се подразбираат.
"Никогаш не ми се допаѓал оној хуманитарен пристап дека ако искрено разговараш со тие луѓе, ќе откриеш дека сите сме исти луѓе. Не, не сме исти, ние имаме фундаментални разлики и искрена солидарност е ако им помогнеме наспроти сите тие разлики."
Во суштина, според него, се работи за поедноставување на некои христијански вредности. Затоа и бегалците ги именува како "ближни свои".
"Во христијанството, ближниот свој не е некој ист како тебе, не е еден од твоите. Тоа е некој кој мислиш дека ти е близок а потоа ќе направи нешто неочекувано кое комплетно ќе те изненади и ќе си помислиш: Боже, па јас воопшто не сум го познавал овој човек", објаснува марксистот.
Жижек вели дека му е туѓо и митологизирањето на бегалците и опасноста тие да се доживуваат како особено блиски луѓе само затоа што страдале.
Лесно е да помагаш некому ако го мислиш за пријателски настроен и благ човек затоа што минал низ пекол. Но, што ако не е пријателски настроен и благ? Поентата ми е дека и тогаш треба да му помогнеме. Не ми се бендисува романтичната идеја дека страданието го прочистува човека, дека го прави поблагороден. Не го прави! Го прави само да гледа како да преживее!, објаснува Жижек, објаснувајќи ја својата позиција дека на луѓето треба да им се помага затоа што се во невоља им треба помош а не затоа што веруваме во претстави за универзалност.