
Министерството за правда синоќа го објави целосниот транскрипт на 300 страници и 11 аудио-снимки од сослушувањето направено на 24 и 25 јули. Бланш ѝ дал ограничен имунитет, за да може да зборува отворено, но не ѝ ветил никакви привилегии во замена за сведоштвото и за соработката со Обвинителството – ниту помилување ниту намалување на казната, како што се шпекулира во јавноста. Таа сега отслужува казна од 20 години затвор поради регрутирање малолетни девојки во мрежата за проституција.
Од транскриптот единствено биле избришани имиња на жртвите на Епстин. Максвел проговорила за многу истакнати ликови, но ниту еден не обвинила за „несоодветно“ однесување, според нејзините мерила.
Материјалите се објавени во интерес на транспарентноста. Освен имињата на жртвите, секој збор е вклучен. Ништо не е отстрането. Ништо не е скриено, порача Бланш.
Трамп бил џентлмен
Максвел го ослободи претседателот Доналд Трамп од теориите и обвинувањата дека имал тајни врски со мрежата на Џефри Епстин. Во сведочењето од затвор пред заменикот главен обвинител на САД, Тод Бланш, Максвел го опишала Трамп како „џентлмен“ што не направил ништо „несоодветно“.
Таа вели дека Трамп и Епстин биле само познаници, а не и блиски пријатели.
Всушност никогаш не сум го видела претседателот во какви било ситуации на масажа. Претседателот никогаш не се однесувал несоодветно со никого. Во времето во кое бев со него тој беше џентлмен со сета почит, изјавила Максвел.
Масажа, според неа, никогаш не добил ни поранешниот претседател Бил Клинтон, кој бил поблизок со Епстин и често пати патувал во неговиот приватен авион.
Тие поминуваа време заедно во авионот, но мислам дека никогаш немало масажа во авионот.
Епстин не се самоубил
Максвел е убедена дека Епстин не се самоубил во затворската ќелија во 2019 година. Неговата смрт е контроверзна како и неговото минато. Многумина веруваат дека Епстин бил убиен за да се елиминира како потенцијален сведок за своите клиенти – истакнати луѓе од кремот на политиката, бизнисот и естрадата, на кои им местел девојки, често пати малолетни.
Не верувам дека се самоубил, не. Не знам кој стои зад неговата смрт, но не е тешко да се организира. Во затворот, каде што сум јас, ќе ве убијат или ќе платат. Некој може да му плати на затвореник 25 долари за да ве убие. Тоа е отприлика цената за атентат зад решетки денес, изјавила Максвел.
Нема „црн тефтер“
Максвел, исто така, негираше дека Епстин водел „список на клиенти“ или „црн тефтер“ ниту ги снимал или ги фотографирал во инкриминирачки ситуации.
Нема список, му рекла таа на Тод Бланш.
И ФБИ и Министерството за правда во заедничкиот меморандум што го објавија во јули извлекуваат ист заклучок од истрагата.
Принцот Ендрју е чист
Максвел ги отфрла како лажни обвинувањата дека британскиот принц Ендрју имал сексуални односи со малолетничка во домот на Епстин.
Тоа беше неизводливо. Куќата беше мала од 83 квадрати. Бањата, во која наводно тоа се случило беше толку мала што не може да се легне на земја. Физички е неизводливо. Нема шанси. Не се случило, изјави Максвел.
Вирџинија Џуфре во 2001 година тврдеше дека кога била на возраст од 17 години три пати му била „послужена“ на принцот. Тужбата беше решена со вонсудски договор за отштета и случајот беше затворен. Џуфре неодамна изврши самоубиство.
За Маск, Кенеди, Сорос...
Максвел во сослушувањето спомнала голем број познати личности, но не инкриминираше ниту една.
За манекенката Наоми Кембел изјави дека „го посетила (Епстин) во Палм Бич, и „можеби отишла да ја види неговата куќа во Њујорк.“
За актуелниот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди кажала дека заедно биле на „лов на коски на диносауруси во Дакота“.
На прашањето дали Епстин се познавал со Илон Маск, истакнала дека „разменувале пораки“ но не се сеќава дека се познавале.
За Џорџ Сорос вели дека не се познавал со Епстин.