ЦИА создала стотици тајни веб-страници

Ленгли со децении управувал со широка мрежа од тајни веб-страници - навидум безопасни блогови и новински портали, а всушност терминали за информатори. Со 885 страници шпионирал и непријатели и сојузници. Многу од овие страници биле откриени. Владата на САД денес за оваа цел спонзорира илјадници новинари ширум светот и строго ги контролира содржините на Фејсбук и Гугл.

Почнувајќи од 2004 година ЦИА воспоставила огромна мрежа од најмалку 885 веб-страници, од сајтови за обожаватели на „Војна на ѕвездите“ до онлајн форуми за растафаријанци. Опфаќајќи 29 јазици и директно насочени кон најмалку 36 земји, овие веб-страници биле насочени не само кон американските противници како Кина, Венецуела и Русија, туку и кон Франција, Италија и Шпанија, покажувајќи дека САД се однесуваат кон своите пријатели исто како да се непријатели.

Кога информаторот Голамреза Хосеини, индустриски инженер во Техеран, во 2007 година понудил информации за нуклеарната програма на Иран, соработниците од ЦИА го упатиле на IranianGoals.com, веб-страница на фарси за локални фудбалски вести. Лентата за пребарување на дното од почетната страница всушност било поле што со внесен специфичен збор како лозинка активира таен интерфејс за размена на пораки. Секој информатор имал своја веб-страница, дизајнирана специјално за него, за да се изолира од другите во мрежата.

Хосеини наскоро бил откриен од двоен агент. Целата мрежа била демонтирана поради тоа што ЦИА во пакет го купила просторот за хостирање за десетици, можеби стотици страници - со последователни нумерички IP-адреси и со сличен дизајн. Со релативно основни пребарувања иранските власти ги идентификувале веб-страниците на ЦИА и едноставно чекале да видат кој ќе им пристапи. Уапсени биле 30 лица и идентификувани биле 42 оперативци на ЦИА. Хосеини поминал повеќе од девет години во затвор и бил ослободен во 2019 година. Никој од САД не го контактирал и не му дал поддршка.

Глобалната мрежата на веб-страници на ЦИА покривала широк спектар на теми, од расафаријанството (Rasta Direct), до фанови на научно фантастичниот серијал (Star Wars Web). Најчести, сепак, биле спортските, гејмерските и новинските блогови. Тие на информаторите им олеснувале веродостојно да негираат шпионски активности при случајно испитување. 

Во Венецуела информаторите за комуникација со Ленгли ги користеле страниците Noticias-Caracas и El Correo De Noticias, а руските шпиони ги користеле My Online Game Source и TodaysNewsAndWeather-ru.
Во пријателските земји, како Франција, Шпанија и Италија, тајна комуникација обезбедувале сајтови за финансиски вести или планинарење.

Во Кина, како главна цел за ЦИА, врските со информаторите се одржувале преку платформи како eChessNews.com или SportsNewsFinder.com. Но и Кинезите ја откриле мрежата и почнале да ја расклопуваат, веројатно со слична тактика како Иранците. За разлика од иранските оперативци, оние во Кина биле погубени. Во чистката ЦИА изгубила околу 30 информатори, што е една од најголемите оперативни катастрофи во 80-годишната историја на агенцијата.

Оттогаш, американската шпионска мрежа во Кина е значително намалена. ЦИА неодамна ја смени тактиката и со јавни видео-пораки повика незадоволни функционери на Комунистичката партија да шпионираат за САД, нудејќи им пари и перспектива за нов живот во САД.

Кон доброволните шпиони е насочен „безбедниот“ прелистувач Tor, креиран од компанија поврзана со ЦИА и платен од владата на САД. Вашингтон лани со посебен закон издвои 1,6 милијарда долари за финансирање на антикинеската пропаганда низ целиот свет.

Со цел да поттикне промена на режимот во Хавана, организацијата УСАИД, како параван на ЦИА, во 2010 година тајно ја создала кубанската социјална платформа Zunzuneo, која стекна популарност како „кубански Твитер“. Кога станала доминантна, преку неа била ширена антивладина пропаганда. Корисниците на Zunzuneo биле повикувани да се приклучат на протестите координирани од САД во обид да се поттикне обоена револуција на островот. Во 2012 година, Zunzuneo беше ненадејно затворен.

За оваа цел владата на САД денес спонзорира илјадници новинари ширум светот. Кога администрацијата на Трамп го прекина финансирањето на УСАИД, ненамерно откри мрежа од повеќе од 6.200 новинари во речиси 1.000 новински куќи или организации што биле тајно платени за да промовираат проамерикански пораки во нивните земји.

Оксана Романијук, директорка на Украинскиот институт за масовни информации, предупреди дека речиси 90% од медиумите во нејзината земја се потпираат на финансирање од УСАИД за да преживеат. Анкета спроведена на 20 водечки медиумски организации во Белорусија откри дека 60% од нивниот буџет доаѓа од Вашингтон. 

ЦИА, исто така, успешно се инфилтрира во најголемите и најпопуларните мрежи на социјалните медиуми. Фејсбук ангажираше десетици поранешни службеници на ЦИА на најчувствителни операции. Арон Берман, кој го има последниот збор која содржина да се промовира, а која да се брише од Фејсбук, до 2019 година бил висок офицер на ЦИА одговорен за пишување на дневниот безбедносен извештај за претседателот. Гугл е презаситен. Жаклин Лопур, која поминала повеќе од десет години во ЦИА на прашања од Блискиот Исток, е регрутирана за виш менаџер за разузнавање, доверба и безбедност на Гугл.

23 август 2025 - 11:15