Сè до втора година гимназија не учествував ниту на еден натпревар. Искрено, немав никакви намери ни планови ни за таа година, моите приоритети беа на други места, тинејџерски, интензивно ги запознавав убавините на алкохолот, цигарите, девојките и гитарата. Сите овие обврски ми одземаа многу време а и ако се додаде дека нон-стоп читав, било што што не е од учебник, сосема е разбирливо зошто моите оценки на крајот на втора година изгледаа вака:
Марксизмот и самоуправување ........... 1
Мајчин јазик и литература .................... 2
Англиски ................................................ 2
Историја ................................................ 2
Физика .................................................... 2
Хемија .................................................... 2
Биологија ............................................... 2
Алгебра .................................................. 4
Геометрија ............................................. 5
Уметничко образование ........................ 5
Физичко образование............................. 5
Заштита и одбрана................................ 5
Пракса..................................................... 5
Оној 'недоволен 1' од Марксизам значеше две работи. Прво, дека за разлика од многу гребатори кои денеска се прават на Тошо, јас потполно сам на свој грб ја износев борбата против комунизмот, отфрлајќи ја и поразувајќи ја неговата идеологија уште кога имав 15. Второ, тој кец значешe дека тоа лето морав да го читам наглупавиот и најдосаден текст што кога било е напишан, Уставот на СФРЈ од 1974-та година и да полагам во август за да можам да преминам во трета.
Значењето на оние шест двојки не морам никому да ги објаснувам, сите секогаш сме имале по пет-шест двојки и знаеме како е. За оние четири петки на крајот на списокот, единственото оправдание ми е дека горе -долу, на сите им ги даваа. На четворката од Алгебра сум посебно горд бидејќи претставува огромен напредок во однос на претходната година кога на крајот имав тројка.
Останува таа една петка по Геометрија, петка која - како што ќе се покаже - ќе биде доволна за сè.
Разбирливо е што во едни такви идеални околности, другарите од клас ме убедуваа дека таа година никако не смеам да го пропуштам натпреварувањето, ми наоѓаа збирки од некакви си руски и полски математички олимпијади, ме охрабруваа, подбутнуваа и помагаа. Предничеше Љупчо кој изгледа се беше заветил дека нема да дозволи никош повеќе да не ми биде досадно на часови па секој пат кога ќе ме видеше дека зјапам преку пенџере - значи секогаш - ми праќаше ливчиња со интересни задачи.
Геометрија ни предаваше Фросина. Кога дојде време, ми кажа следната сабота да се нацртам пред Педагошка академија, со ученичка книшка, молив, шестар и лењир, и да сум подготвен за регионално натпреварување. И ако дотогаш не бев начисто дали ќе одам, Фрос не би ја одбил за ништо на светот, па се појавив тоа утро навреме, трезен и без гитара. За жал, организаторите ме информираа дека не можам да учествувам, дека моето име не е на листата која веќе го има максималниот број на учесници од моето училиште и дека залудно ноќта пред тоа сум си ја прекинал забавата - извини Жаки - за да си одам дома во пристојно време, околу четири часот наутро. Фрос не се предаваше, беше упорна дека се работи за грешка и дека би било најдобро - кога сум веќе тука со шестар и лењир - сепак да биде направен исклучок. На крајот, тоа беше прифатено и ми бидеше дозволено да влезам.
Таа година успеав да сс квалификувам за Републичко а следните две стигнував и до Сојузните натпревари во тогашна Југославија, баш онаа што беше уредена по славниот и совршен Устав од 1974-та, устав кој денес многу добро го познавам. Во четврта година некако стигнав и до сојузно натпреварување по физика па професорот по физика конечно малку ми прогледа низ прсти и таа година, алелуја, ми заклучи тројка. Се надевам дека со тоа го скршив мразот за сите тројкаши и дека би било ред од тогаш, секоја година да викаат барем по еден.
Во секој случај, залетот веќе беше фатен и јас, како Форест Гамп, само продолжив право продолжив да трчам низ факултетот, магистерските, докторските и пост-докторските, сè додека не станав професор на еден Универзитет во САД за десетина години подоцна да добијам порака со молба да напишам неколку редови по повод прославата во мојата гимназија.
Наравоучението од мојата приказна е едноставна- неопходно е некој да верува во вас.
Фрос ни предаваше вкупно шест предмети: геометрија во прва и втора, анализа во трета и четврта, аналитичка геометрија во трета и линеарна алгебра во четврта. Покрај тоа, речиси секоја сабота доаѓавме на дополнителна настава, нè подготвуваше за натпревари, летни школи... од неа научивме сè што знаеме за Евклидовата геометрија, сè што знаеме за аналитичката геометрија, основните концепти на конвергенција, континуитет, интеграли, векторски простори, линеарно програмирање, веројатност... И дури кога ќе го набројам сето ова, сфаќам дека не сум ни почнал.
Фрос живееше близу до школото, кај Драмски, на најгорниот спрат на петкатница без лифт, во стан полн со книги, кактуси и пепељари. На нејзините полици ги најдовме Сингер, Бенедети, Маркес, Јонеско, Колаковски, Огден Неш... кај неа ги откривме Армстронг, Џенис, Били Холидеј... нè носеше, нас клинци од гимназија, на филмови, претстави, концерти, планини.... ги запознаваше нашите девојки и дечковци, правеше неверојатно добро кафе и со нас разговараше како со луѓе.
А таа, втора година средно, кога првпат бев на Републичко, ме најде измрзнат и изгубен, без капут и ракавици, на улица покрај реката во град кој не го познавав, ме избутка во кафиќ, на топло, и останавме заедно додека не си дојдов на себе.
Кога денеска ќе видам клинец во кафиќ, како пие пиво и витка тутун а на масата му е Колаковски, знам дека сè е во најдобар ред - очигледно некој верува во него, а еден е доволен.
* * *
Фала ти, Фрос.
======== белешки =============================
Овој текст го должам одамна, едно 30 години. Повод конечно да го составам, покрај онаа порака која ја добив, е поддршка за Фросина и сите останати наставници и професори во Македонија, на сите нивоа, од основно школо до факултет. Помиите кои им ги приредува тамошното министерство за образование не можам ниту да ги опишувам ниту да ги дискутирам. Доволно е ако кажам дека попрво повторно би го читал оној проклет Устав од 74-та.
* извор
Објаснување за изнудување топло на душата:
Горниот текст го најдовме на српски блог али пријатели отпосле нè информираа дека целава прикаска е наша и скопска, да понаша и поскопска не може да биде! Автор на текстот е Зоран Шуниќ (го знаат луѓе и како Шунка), Фрос е всушност Фросина Митрушева, легендарна професорка од Ѓорѓи и Корчагин а гимназијата за која се раскажува е баш Ѓорѓи Димитров! Па браво за сите!
п.с. преводот на овој текст е посветен на покојната Лале, најдобрата професорка по 'уметност, живот и разно' од Македонија.