Ецио Гавацени:

Викенд-снајперистите мора да одговараат за злосторствата во Сараево

Богати и угледни Италијанци, претприемачи, адвокати, лекари... плаќале за да убиваат цивили за време на опсадата на Сараево. Заминувале за викенд и се враќале да го продолжат својот нормален живот. Новинарот Ецио Гавацени, кој го отвори случајот 30 години по војната, вели дека некои „викенд-снајперисти“ се живи и се надева дека ќе одговараат за злосторствата.

На снимка од април 1993 година се гледа рускиот писател Едуард Лимонов како од Пале пука кон Сараево. Лимонов не бил единствениот странец што од забава убивал цивили во опсадениот град. Стотици богати од западните земји плаќале за да поминат викенд на ридовите над Сараево и да нишанат врз цивили. За убиство на деца, жени и стари лица се плаќало најмногу. Повеќето викенд-снајперисти биле Италијанци, бидејќи турата била организирана преку Трст и Белград.

Поттикнат од филмот „Сараево Сафари“ од словенечкиот режисер Миран Жупанич, италијанскиот новинар Ецио Гавацени почнал да истражува кои биле богатите Италијанци што пукале во цивили за забава. Доказите му ги претставил на Обвинителството во Милано, кое отворило истрага.

Зошто се заинтересиравте за овој случај, 30 години откако заврши војната во Босна?

Затоа што е приказна за реалниот живот, за ужасите за време на војната. Приказната за „викенд снајперисти“ не е нова, но никој досега не се занимавал со неа подетално, барем не во Италија. Познато е дека повеќето Италијанци оделе да пукаат од Пале и платиле многу за тоа, во денешна вредност од 100 до 200 илјади евра, во тоа време сè уште биле лири. Тоа се богати луѓе, истакнати граѓани, претприемачи, адвокати, лекари кои плаќале за да убиваат невооружени цивили за време на опсадата на Сараево. Ќе заминале од Трст, главната појдовна точка од Европа, а потоа ќе се врателе и ќе продолжеле со своите вообичаени, навидум пристојни животи. Ова се луѓе кои се исклучително богати, но исто така и опседнати со оружје - тие се претежно страствени ловци, вели Гавацени.

Со оглед на тоа што немате никаква врска со Балканот, од каде дојде желбата да работите на овој случај?

За време на војната во поранешна Југославија читав новински написи во кои се нагаѓаше дека на ридовите околу Сараево, каде што беше српската војска, биле присутни и „снајпер туристи“, не само војници. Тоа ме потресе и ми остана во сеќавање. Подоцна документарецот „Сараево Сафари“ од Миран Жупанич повторно го разбуди интересот. Стапив во контакт со него и почнав да истражувам.

Кои докази ги собравте?

Ги има многу. Миланскиот обвинител ги има сите, а сега е ангажиран и Одредот за специјални операции – РОС Карабинери, да работи на овој случај. Мојот извештај содржи само резиме на познатите факти, мал дел. Моите извори се босански и италијански. Не можев да разговарам со Србите за тоа, бидејќи тврдат дека сè е западна измислица. Една српска новинарка ми побара пари за информации, на што не се согласив.

Што ви рекоа изворите?

Поранешен агент на босанската разузнавачка служба, кој тогаш беше активен, ми раскажа за Италијанци што ги носеле на ридовите да пукаат врз цивили во градот. Босанските служби одлучиле да не се занимаваат со тоа и тој случај е архивиран. Но, овде во Милано можеме да ја изнесеме вистината на виделина, го очекувам тоа, како и почетокот на судењето идната година. За сега имам докази за три лица што се живи и за двајца што починале.

И италијанските служби знаеле што се случувало, но немало реакции.

Да, мојот извор, поранешен босански разузнавач, тврди дека италијанската воено-разузнавачка служба ги имала тие информации. Во Сараево беше присутна и мисијата на УНПРОФОР, во која Италија имаше најголем контингент, а имавме и единица разузнавачи на теренот. Знаеме дека за тоа има досие. Се надевам дека тие документи не исчезнале.

Што очекувате дека ќе се случи?

Се надевам дека ќе успеат да најдат барем еден или двајца од тие италијански снајперисти. Можеби и десет. Сега имаат помеѓу 65 и 82 години и живеат во северна Италија. Секако, ги имаше многу. Не можам да кажам повеќе од тоа.

Новости

******
Види и: Документарец: Сараевско сафари
Истрага за странските „викенд-снајперисти“ во опколено Сараево

Плус: Едуард Лимонов како пука врз Сараево

19 ноември 2025 - 15:52