Камил Паглиа, која во контекст на женските „онлајн банди" ја спомнувавме и порано, повторно истапува со ставови кои не се типично феминистички, и на некој начин се повеќе заштитнички настроени кон „посилниот" пол.
Во интервју за Вол Стрит Џурнал, кое е дел од промоцијата на нејзината најнова книга, вели дека негирањето на биолошките разлики помеѓу мажите и жените е виновно за голем дел од нештата кои не се во ред во современите општества.
„Она што го гледаме е како западната цивилизација врши самоубиство", вели 66-годишната професорка на Универзитетот за уметности во Филаделфија, позната по своите критички ставови во врска со голем број аспекти на модерната култура, вклучувајќи го феминизмот и либерализмот.
Истовремено, таа се залага за правото да се биде хомофобичен, бидејќи тоа би требало да важи подеднакво како и правото да се поддржува хомосексуалноста.
Фактот што денешните мажи веќе не служат војска е лошо за нив, но и за целото општество - овие луѓе се лишени од војничко размислување, па кај нив постои илузија дека сите луѓе се во основа добри, и дека ако сме фини и добродушни, сите ќе ни вратат на ист начин. Тие немаат какво и да е чуство за зло или криминалитет, што ги прави наивни и неподготвени за живот. Тоа е според неа и причината за моменталната дисфункционалност на Вашингтон, каде на политичарите им фалат „практични вештини на анализа и конструктивност".
Машкоста, која на децата им се одзема уште во основно училиште (барем во американските), сега постои само во филмовите, и таа „филмска машкост" е единствениот модел кој се имитира. Спортските радија се пак единствените каде мажите можат да си кажат што навистина чувствуваат. Таа редовно ги слуша и верува дека токму овие мажи ќе ја спасат нацијата.