"Тоа е модификација на генот на едно одвратно животно и една билка и тоа сега ние го јадеме и уживаме во тоа и зборуваме како јадеме генетски немодифицирана храна и многу сме паметни," рече Александар Вучиќ во експозето за избор на неговата нова влада за еден ден подоцна да појасни дека под "одвратното животно" мислел на рибата-лист и повтори дека чери доматите се настанати со мутација.
Не се. Си постојат тие одамна, ги јаделе уште Ацтеките а и во основните прирачници за градинарство пишува дека се настанати со вкрстување на обичниот домат со неговата јужноамериканска варијанта која дава плодови како бобинки. Во Европа се донесени во 17 век иако популарни стануваат многу подоцна. Генетскиот инженеринг нема никаква врска со нив и освен во рецепти, по друг основ не се мешале со рибата лист.
Во текстот со генијален поднаслов "Закон за кружење на балегата во природата", на коментаторот на белградско Време премиерот му личи на српска варијанта на Иван Владимирович Мичурин (1855-1935), руски ботаничар аматер чии блесави идеи за "амбиентален детерминизам" им се бендисаа и на Ленин а особено на Сталин па беа подигнати на ниво на официјална доктрина а класичната генетика прогласена за буржоаска измислица.
Со децении Мичурин важеше за гигант на советската наука, на земјоделски изложби имало гигантски макети од неговите хибриди кои всушност никаде не постоеле а неговото влијание останува долго по смртта на Сталин па се учи се до 60-тите години што остава тешки последици во развојот на биологијата во целиот источен блок.
Се проценува дека околу 3.000 научници кои биле скептични кон теориите на Мичурин имаат завршено по логори а радијацијата на неговиот бренд и до денешен ден дофрла и до една скопска населба.
"Необичниот излет на премиерот во полето на генетиката ме остави во убедување дека Вучиќ е идеолошки следбеник на Мичурин, иако можеби и не ни слушнал за него. Тој Србија ја доживува како свој експериментален имот и во таа чудесна бавча пробува да го накалеми Макс Вебер на Милош Обреновиќ. протестантската етика на деспотијата, пазарната економија на државниот диктат и европските вредности на примитивниот национализам, верувајќи дека тие хибриди кога-тогаш ќе вродат со плод", пишува Дејан Анастасијевиќ во Време.