За да се спречи растечката стапка на криминал, владејачките лабуристи бараат искуството од Лондон за препознавање ликови на луѓе „во живо“ да биде проширено во центрите на сите поголеми градови, а потоа и во секое населено место.
Се планира полицијата да добие пристап и до базата на податоци за пасоши на 45 милиони Британци, на само на оние со досие, за да може да се споредуваат фотографии со снимки од камерите за јавен надзор. Според сегашните правила, полицијата има строго ограничен пристап до базата на податоци за пасоши.
Новата рамка овозможува во системот да се вклучат и други јавни служби, но и приватници - да се користат снимки од камери вградени во автомобилите, пред домовите или од мобилните телефони.
Министерката за внатрешни Сара Џонс тврди дека технологијата за брзо препознавање лица е најважната алатка за ловење криминалци и ја споредува со техниката за споредување ДНК.
Таа веќе ни помогна да отстраниме од улиците илјадници опасни криминалци и има огромен потенцијал да ја подобри нашата безбедност. Ќе го прошириме нејзиното користење за да можат службите за безбедност да затворат уште повеќе криминалци и да ги заштитат заедниците, изјави министерката.

Лондонската Метрополитен полиција, која ја користи технологијата две години, тврди дека препознавањето ликови ѝ помогнало да уапси 1.300 лица обвинети за уличен криминал, семејно насилство и силување. Откриени биле и повеќе од 100 случаи на сексуални насилници што ги прекршиле одредбите за условна слобода.
Групите за граѓански права ја критикуваат владината одлука како голема закана за приватноста на граѓаните.
Со оваа технологија Британија ќе прерасне во отворен затвор, во кој граѓаните ќе бидат третирани како осомничени лица, а секој пасош ќе стане потенцијално криминално досие... Ова можеби би било очекувано во Кина, но не во демократскиот свет, објави Силки Карло, директорка на групата Big Brother Watch.
Технологијата за препознавање лица во Британија сега се користи во три форми. Едната вклучува камери во живо во комбиња или монтирани на фиксни позиции, кои бараат совпаѓања на слики во база со податоци за 1.500 осомничени криминалци. Втората користи слична технологија во апликација за мобилен телефон што им овозможува на полицајците да проверуваат идентитет на лице на улица. Третата е во кривични истраги, кои користат снимки од видео надзор од местото на злосторството.