Најпрво поставете ја на голема плочка изјавата од најпознатиот хеленски, односно атински говорник Демостен од 4 век пред Христа, кој во врска со етничкото потекло на Филип Втори Македонски во своето дело “Втора Филипика“ дословно запишал:
“Филип, тој човек не само што не е Хелен, туку и нема ништо заедничко со Хелените. Барем да беше барбарин од некоја пристојна земја. Но, тој ни тоа не е. Тој е некакво шугаво суштество од Македонија, земјата од која не можеш да доведеш ниту роб што барем нешто вреди.“
Овој натпис залепете го до статуата на Филип Втори Македонски, секако на англиски и на македонски јазик.
Веднаш до оваа изјава можете да додадете натпис и од хеленскиот филозоф и говорник Тразимах од 5. век пред Христа. Во својот говор “За Ларисјаните“, Тразимах, спомнувајќи го Македонскиот крал Архелај, запишал:
“Зарем ние како Хелени, ќе му бидеме робови на Архелај варваринот?“
Во натписот може да се дообјасни, дека под терминот “варвари“ Хелените ги сметале оние народи кои зборувале неразбирливо за нив, за ова има бројни антички сведоштва.
Промоцијата на хеленската култура во Македонија не може ни да се замисли без делото на хеленскиот историчар Аријан од 1 век, кој е автор на Биографијата на Александар Македонски, кого наскоро може ќе го прекрстите во “Александар Хеленски“. Во описот на битката кај Ис, што се водела помеѓу Македонската и Персиската војска, Аријан пишува, дека на страната на Персија, против Македонците се бореле над триесет илјади Хелени! Аријан сведочи, дека најжестокиот судир во оваа битка бил токму помеѓу Хелените од Персиската војска и Македонците, а причината за тоа било нивното “старо расно ривалство“. Еве кој натпис под итно треба да го поставите во центарот на Скопје:
“Почнала жестока борба... Дариевите Хелени се бореле со цел да ги потиснат Македонците назад кон реката и да ги задржат позициите на своето лево крило... Судирот беше уште повеќе загорчен поради старото расно ривалство помеѓу Хелените и Македонците.“ (Arrian: “The Campaigns of Alexander“, Transl. By Aubrey De Selincourt, Pengiun books, USA, 1987, стр. 119)
Овој хеленски натпис, во кој е потенцирана “расната омраза“ помеѓу Македонците и Хелените, треба да го ставите крај споменикот на Александар Македонски. Нека читаат луѓето натписи од хеленската култура. Патем, од Аријан можам да Ви испратам уште еден куп изјави во кои ги спомнува Македонците и Хелените како два посебни народи.
Задолжително треба да ја ставите и изјавата од најпознатиот хеленски географ, историчар и патеписец Павсанија од 2 век. Во своето најпознато дело “Описот на Грција“ (2.8.4) Павсанија запишал:
“...Сите Хелени се плашеа од Македонците и од Антигон (Македонски крал, м.з.)“.
Во истото дело Павсанија (1.4.1 и 1.4.2) дал уште едно сведоштво од кое ќе излезе одличен натпис за хеленската култура:
“Хелените... претходно биле неколкупати поразени од Александар и од Филип, Антипатер и Касандар, кој потоа целосно ги скршил.“
Задолжително треба да ја залепите и изјавата од хеленскиот автор Павсанија:
“По смртта на Александар, Хелените почнале втора војна против Македонците (4.28.2).“
И уште една изјава од Павсанија, која одлично ќе се вклопи со останатите натписи од хеленската култура. Пишувајќи за поразот на Хелените од страна на Македонците по битката кај Херонеја, Павсанија напишал:
“Катастрофата кај Херонеја била почеток за несреќите на сите Хелени, а посебно на оние кои биле поробени, затоа што биле слепи за опасноста што доаѓа од Македонија... Но, по смртта на Александар, Атињаните помислиле дека не смее да се дозволи Грција засекогаш да остане под власта на Македонците, заради што почнале војна, повикувајќи ги и другите да им се придружат“ (Pausanias, Description of Greece, 1.25.3).
Еве и една космопoлитска изјава од страна на античкиот автор Ампелиј, кој детално ги набројува посебните народи од Европа во времето на антиката кога и самиот живеел. И оваа негова изјава одлично одговара како натпис во кој се покажува почит кон сите народи во Европа:
“Во Европа најпознати народи се Скитите, Сарматите, Германите, Дакијците, Мизите, Тракијците, МАКЕДОНЦИТЕ, Далматите, Панонците, Илирите, ХЕЛЕНИТЕ, Италите, Галите и Шпанците“ (Liber Memoralis VI, 3).
Е како тоа, ем Македонците биле “Хелени“, ем овој антички автор Македонците и Хелените ги спомнува како два посебни европски народи? И згора на се’, тој бил Римјанин, а не “македонски националист“.
Многу важна изјава од арсеналот на хеленската култура е и онаа дадена од познатиот антички хеленски филозоф, картограф, географ и математичар по име Дикеарх од 4. и 3. век пред Христа. Во неговото дело “Животот на Грција“ тој јасно ја опишал границата на тогашниот хеленски свет:
“Границите на Грција ги лоцирав во земјата на Магнесијанците... Над Темпе, кон планината Олимп, се наоѓа земјата на Македонците!“
Како објаснување на оваа изјава, што сигурен сум дека ќе ја залепите како натис од хеленската култура, можете да додадете, дека земјата Магнесија, која овде е опишана како северна граница на хеленскиот свет, се наоѓа во јужното подножје на Олимп од грчка страна, а самата планина Олимп и територијата на север од Олимп била “земјата на Македонците“! И што сега? Зарем Дикеарх, кој иако бил роден на Сицилија и самиот бил Хелен и речиси сиот свој живот го поминал среде своите сонародници Хелени на Пелопонез, не знаел каде се границите на неговата земја, т.е. каде живееле неговите сонародници Хелени, а каде Македонците? Замислете денес некој германски картограф да ги опише границите на Германија во 21 век, а по 2.000 години некоја будала да напише дека тој германски картограф “не знаел каде се границите на Германија во 21 век“. Можно ли е тоа? Секако не! Но, исто е и со Дикеарх. Никој денес нема право да го негира тоа што го запишал во однос на границите на сопствената земја и народ од времето на антиката во кое и самиот живеел.
Еве уште една изјава од припадник на хеленската култура. Се работи за изјава од Дионисиј од Халикарнас во 1 век, кој во своето дело “Римски старини“ ја спомнува Македонија како “најмоќна нација“ во тогашниот свет:
“Македонија, која тогаш била сметана за најмоќна нација на светот, како ривал повеќе немала ниту една друга нација, било варварска или грчка.“
Доколку некои членови од СДСМ Ви забележат дека објавувате “националистички и вмровски изјави“, објаснете им дека Дионисиј од Халикарнас не е член на ВМРО-ДПМНЕ затоа што живеел речиси две илјади години пред да се формира оваа партија. Напротив, и самиот бил претставник на хеленската култура, па така и оваа изјава заслужува да биде објавена на посебен натпис во центарот на Скопје.
Промовирањето на хеленската култура во Македонија не може ни да се замисли без делото на Диодор Сицилијанецот. И овој хеленски автор напишал биографија за Александар Македонски, при што на повеќе места ги спомнува Македонците и Хелените како два посебни народи. Во една изјава, пишувајќи за бунтот на Хелените против Македонците, Диодор сведочи:
“...Хелените, кои беа оставени во Бактрија и Согдијана... се побунија против Македонците. Тие се собраа околу три илјади мажи. На патот кон дома претрпеа многу тегоби, а по смртта на Александар сите беа масакрирани од Македонците“ (Диодор, 17.99.5 - 17.99.6).
Значи, ем Македонците биле “Хелени“, ем Хелените кои принудно биле оставени да живеат во Азија, се побуниле против нив, по што биле масакрирани од Македонците. И оваа историја ја запишал хеленски автор.
Јустин е уште еден познат антички автор кој напишал биографија за Александар Македонски. Ни пет ни шест, овој антички автор запишал дека Хелените биле “робови“ на Македонците:
“...Името на Македонците кое претходно било непознато, наеднаш станало доминантно. А Филип, кој три години бил држан како заложник во Теба... ја зголемил моќта на Македонија која сега претставувала ропски јарем над вратовите на Хелените и на Азија.“ (Јустин, 6,9).
Во својата 12. книга за хеленското востание против македонската власт, кое било кренато веднаш по заминувањето на Александар Велики Македонски во освојување на Азија, Јустин вели:
“По заминувањето на Александар од Македонија, речиси цела Грција, со намера да ја обнови својата слобода, крена вооружено востание...“ (12.1).
Јасни и прецизни изјави за посебни натписи.
Ќе мора да се стави натпис и со изјава од најпознатиот хеленски географ Страбо (5.26), кој пишувајќи за историјата на Европа, децидно ги издвојува Македонците во однос на Хелените:
“Водечки нации порано беа Хелените, а потоа Македонците и Римјаните...“
Ќе треба да се отстапи место и за плочка со изјава од античкиот автор Созомен, кој во врска со христијанизацијата на балканските народи, која се одвивала во времето на Константин Први Велики (306-337), запишал:
“...Христијаните на запад, Хелени, Македонци и Илири, почнаа безбедно да богослужат под заштита на Константин, кој тогаш станал главен на Римската империја“. (Ecclesiastical History, Book II, Chap. II).
Чекајте малку, зарем Македонците не биле “Хелени“? Зошто во сите овие изјави од антички автори се спомнати како два посебни народи?
Тит Ливиј не бил хеленски автор, туку римски. Сепак и тој пишувал за “хеленската историја“, при што и самиот сосема јасно ги издвоил Македонците од Хелените. Во својата 31 книга (44), пишувајќи за омразата на Хелените Атињани кон Македонците од времето на Филип Петти и за нивната желба, со помош на Рим, да се ослободат од Македонците, Ливиј пишува:
“Атињаните и нивните сојузници... во секоја прилика фрлаа клетви врз Филип, врз неговото семејство и врз неговото царство, врз неговите сили на копно и на море, како и врз целата раса и име на Македонците“.
Следното сведоштво е од познатиот антички ранохристијански теолог Татјан Асириецот од 2 век. Едно од неговите најпознати дела е “Обраќање до Хелените“ во кое тој ги критикува античките хеленски автори дека незаслужено припишувале заслуги на Хелените кои никогаш не им припаѓале! Тој наведува кои сегменти од науката и уметноста Хелените ги украле од други народи, а подоцна ги прикажувале како “свои“:
“О, Хелени, не бидете толку непријателски настроени кон барбарите и не гледајте со толкава злоба кон нив. Речиси сите ваши институции вие ги презедовте токму од барбарите. Најеминентните Телмесијани ви ја создадоа уметноста на волшепството, Каријците претскажувањето од ѕвезди, Фригијците и најстарите Исавријани предзнаците според летањето на птиците... На Вавилонците им ја должите астрономијата, на Персијанците магијата, на Египтјаните геометријата, а на Феникијците азбуката и правилата за пишување. Престанете лажно да ги прикажувате овие изуми како ваши! Орфеј ве научи на поезија и музика, а од него научивте и за мистериите. Тусканите ве научија на вајарството, а од старите записи на Египтјаните научивте како се пишува историја. Свирењeто флејта го научивте од Марсија и Олимп - овие двајца Фригијци ја создадоа хармонијата од цевките на овчарите. Тиренците ја измислија трубата, Киклопите ковачкиот занает, а од поранешната кралица на Персијанците, како што ни кажува Хеланикус, сте го превзеле методот за пишување на плочи. Затоа, не бидете вообразени и престанете да се фалите, бидејќи сѐ додека си се фалите самите себе, само вашиот народ ќе ви верува. Но, пристојноста наложува дека секој разумен човек треба да добие признание од други... Се смета дека секој народ треба да има единствен изговор на својот јазик. Но, вие самите не зборувате слично, дури ниту во секојдневната комуникација. Начинот на кој зборуваат Дорците, не е ист со јазикот на жителите на Атика, ниту пак Еолците зборуваат како Јонците, па јас навистина не знам кого од вас да го нарекувам Хелен?! И што е најчудно од сè, вие не си ги почитувате вашите автентични зборови, туку ја форсирате мешавината од барбарски зборови, кои од вашиот јазик создадоа каша... Вие ја ставивте реториката во служба на неправдата и клеветите, продавајќи ја слободата на вашиот говор за пари и честопати претставувајќи една иста работа еднаш како лоша, а другпат како добра.“
Предлагам оваа изјава дадена од еден од најголемите ранохристијански авторитети Татјан Асириецот, кој денес е почитуван и славен од сите христијани во светот, да ја залепите на плочка на грчката амбасада во Скопје, секако во претходен договор со нашите грчки пријатели, па дури може да се организира и заедничко свечено откривање на таа плочка.
Ако сакате, ќе Ви понудам и изјави поврзани со јазикот. На пример, изјава од латинскиот историчар Квинтиј Куртиј Руф од 1. век, кој јасно сведочел, дека античките Македонци и Хелените меѓусебно комуницирале преку преведувачи. Или, изјава од Дио Крисостом кој посебно ги спомнува Македонскиот и хеленскиот јазик. Или, изјавата од Плутарх, во која, исто така, го спомнува Македонскиот јазик како мајчин јазик на Александар Македонски, на Македонската војска која (цитат) “на Македонски јазик“ го поздравила својот генерал, но и на египетската кралица од македонско потекло Клеопатра Седма која според Плутарх, освен својот “македонски јазик“ знаела и други јазици.
Ако сте расположени за лепење натписи со содржини од хеленската култура низ Скопје, можам да Ви понудам сведоштва од над 50 антички (главно хеленски) автори со слични содржини како овие, кои можат да се сретнат на You Tube каналот “Aleksandar Donski History Channel“ и во книгата “Старогрчки и други антички сведоштва за посебноста на античките Македонци“, која на Македонски и на англиски е ставена на интернет. Патем, сите видовме дека првите натписи што ги залепивте во чест на “хеленската култура“, утредента беа со спреј шарани. Ви гарантирам, дека изјавите од “хеленската култура“ што јас ќе Ви ги пратам, никој нема да ги шара! Вие само поставете ги!
За крај, господине Заев, крајно време е да престанеме да се залажуваме, дека нам не ни е потребна историја, туку поважна ни е Европската Унија. Зошто ги спротивставувате овие работи, кога сите знаеме дека тоа не е така? Европската Унија не е сојуз на флотантни народи, туку на нации кои се сосема свесни и горди на својата историја и потекло! Нека им каже некој на Ирците дека “не е важна нивната историја“, дека не е важно дали нивните претци биле Ирци или Англичани! Очите ќе му ги извадат! Или нека се обиде некој да им го каже истото и на Хрватите, Унгарците, Французите, Чесите, Словаците, Романците, Литванците, Летонците, Естонците... за Грците и Бугарите и да не збориме...
Александар Донски