Низ Франција шпартаат милион нерегистрирани коли

На улиците низ Франција има повеќе од 1 милион автомобили со лажни регистрации - украдени коли или без задолжителни технички прегледи, откри национална ревизија. Фантомски бироа удирале печати за да легализираат возила за криминалци или примале мито, со што ја оштетиле државата за половина милијарда евра. Ризикот за безбедноста на возачите и пешаците.

Француските власти самите се одговорни за масовната измама. Во 2017 година владата дозволила делумно да ја приватизира државната агенција за лиценцирање возила (SIV), за да го забрза бавниот процес на доставување документи за регистрација до купувачите на возилата.

Близу 2.000 државни службеници биле префрлени на нови работни места, а на продавачите на автомобили им било дозволено самите да пристапат до регистарот и да им издаваат документи на клиентите. Не биле вградени проверки и системот се потпирал на „добра волја“.

Оваа широко распространета приватизација отвори дупки во законот кои овозможија од ситен до организиран криминал лесно да навлезе во информацискиот систем. Постапката за овластување беше замислена да биде едноставна и релативно непрецизна. Државата одлучи да не спроведува проверки со цел да се даде приоритет на брзото издавање на сертификати за регистрација, објави Советот за судска одговорност.

Мерката била злоупотребена со најмалку 30 разни измамнички сценарија - од избегнување на еколошки даноци за автомобили што многу загадуваат, до манипулирање со тестовите за исправност на возилата и прикривање на идентитетот на претходниот сопственик.

Регистрирани биле најмалку 300 фиктивни компании, кои без никаква контрола регистрирале повеќе од 1 милион возила. Вкупната штета за државата од неплатени такси и даноци, како и за избегнати казни за брзо возење или паркирање, е проценета на 550 милиони евра само за периодот од 2022 до 2024 година.

Ревизорите издвоиле случај на фиктивен увозник на луксузни автомобили, кој избегнал царини и даноци од десетици илјади евра. Скапи лимузини „ролс ројс“ или „мерцедес“ биле регистрирани како „возила за лица со специјални потреби“, со што биле ослободени од царина.

Во многу случаи биле издавани нови регистрации за украдени автомобили, со што се прикривала претходната сопственост. Услуги на фантомските бироа користеле и нарко-банди и криминалци, за да не може да им се влезе во трагата на возилата во нивните операции.

Советот за судска одговорност објави дека државата девет години не ги проверила акредитивите на 30.000 дилери на кои им дозволила пристап до SIV. Ревизијата била наредена откако полицијата забележала значителен пораст од 160% на прекршоците за брзо возење во периодот од 2016 до 2020 година. При проверка на регистрациите на возилата било откриено дека многу од нив биле фалсификувани.

Ова се случува кога се обидувате да го намалите државниот апарат без да се мисли на последиците. Луѓето порано мораа да чекаат два часа за да добијат документи. Сите се жалеа, но барем сè беше правилно проверено, изјави Ле Монд лице запознаено со истрагата.

Министерството за внатрешни работи го признава проблемот и објави дека презема чекори за да го реши со намалување на бројот на лиценци со пристап до SIV.

13 март 2026 - 09:07