Пролетери од сите земји, напијте се

Да обележиме еден важен јубилеј: овие денови навршија точно 168 години од една пијанка. Озбилна, повеќедневна, епска. Тешко дека ќе најдете некоја друга која повеќе го сменила текот на историските настани. Другари и другарки, деновиве пред години во Париз за првпат се среќаваат Карл Маркс и Фридрих Енгелс. И се прават - манифест.

На таа прва средба ниеден од двајцата дечки (имале по 24, односно 26 години) не бил аматер во поглед на пиењето.

Маркс својот џигер го има силувано за време на својата прва и последна година на студирање на универзитетот во Бон. Неговиот татко тој негов период го раскажува како период на "диво лумпување' на синот. Карл окапувал по пивници. И често знаел да се затепа со членови на конкурентската студентска банда. Не само тепање, често фрчеле и ножеви и пиштоли. Маркс не се снебивал да го потегне ни првото ни второто.

Во меѓувреме, Фридрих демек студирал сериозно. Сепак, еден негов едномесечен одмор во Франција открива дека буквално секој ден бил пијан. За белешките од тој одмор, негов биограф вели дека личеле на винска брошура. Цитат од нив:

"Неколку шишиња вино можат човек да го поведат низ сите фази до врел револуционерен занос. После нив, само едно шише шампањ повторно те враќа во карневалско расположение".

Патем, како син на индустријалец, две години минува учејќи го семејниот бизнис, време во кое сведочи на злоупотребата на детскиот труд и другите ужаси на раниот капитализам што ќе биде искористено во неговотo дело "Состојбата на англиската работничка класа во 1844 година."

Токму таа година минува низ Париз и притоа му закажува средба на Маркс, кој јавно ја охрабрува неговата теорија за отуѓениот труд.

И, се среќаваат таа 1844 година (28-ми август) во главниот град на Франција, во Café de la Régence.

Зборувале и пиеле.

Зборувале за сешто а пиеле само пиво.

Цели 10 дена!

Останатото го знаете.

 

1 септември 2012 - 00:24