Во потерницата за Украинецот Сергеј Кузњецов објавена пред неколку дена во Германија се тврди дека властите во Киев биле директно одговорни за разнесувањето на Северен Тек во близина на брегот на Данска и Шведска, но и дека Вашингтон бил информиран и ги прикривал доказите.
Украински информатор ја известил администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден дека диверзантски тим од шестмина украински специјалци ќе извршат саботажа врз цевководот за транспорт на руски гас и нафта кон Европа, тврдат германските обвинители.
Операцијата ја водел генералот Валериј Залужни, врховен командант на оружените сили на Украина. Според германските истражувачи, украинските диверзанти изнајмиле јахта во германското пристаниште Росток користејќи фалсификувани лични карти, а потоа нуркачи поставиле експлозив на цевководот на дното на морето. Кузњецов во тоа време бил армиски капетан, вклучен во војната.

Веднаш откако Северен Тек беше разнесен, Вашингтон ги поттикна шпекулациите дека Русија самата го уништила сопствениот гасовод. Паралелно со медиумската кампања, администрацијата на Бајден ги прикривала доказите, што ѝ овозможило да продолжи да испраќа воена помош на Украина, во вредност што надмина 180 милијарди долари.
Русите шират дезинформации и лаги. Ќе работиме со нашите сојузници за да дојдеме до суштината што точно се случило. Само не слушајте што зборува Путин. Знаеме дека она што го зборува не е вистина, порачал своевремено Бајден.
Уште еден украински саботер беше уапсен во Полска, но Варшава одби да го екстрадира во Германија и го пушти за да избега во Белорусија. Судијата што го ослободи осомничениот ја базирал пресудата на украинските негирања за учество во нападот и оценил дека „делото било извршено во име на праведна војна“.
Додека Германците работат на откривање на вистината, прашањето е дали американската јавност некогаш ќе добие транспарентност за соучеството или знаењето на нашата сопствена влада. Од јавноста беше побарано да вложи милијарди во војна додека администрацијата наводно прикриваше напад од Украина врз западен цевковод - а потоа можеби ја заведе јавноста, забележува професорот Џонатан Тарли за The Hill.