Една вечер во 1930 Томас Волф безуспешно се обидувал да почне нов роман, кој ќе го повтори успехот на неговиот првенец, „Погледни го домот свој ангеле". Се откажал и почнал да се соблекува за да си легне. Додека стоел така гол во неговата хотелска соба гледајќи низ прозорецот одеднаш се инспирирал, и повторно седнал да пишува, и тоа до зори со „неверојатна брзина, леснотија и самоувереност".
Обидувајќи се да се сети што довело до ваквиот пресврт, подоцна тој сфатил дека она што тој несвесно го правел во тие мигови е - си играл со гениталиите, нешто што предизвикува (или барем кај него предизвикало) „добро машко чувство" кое ги поттикнува креативните енергии. Ваквата стратегија за пишување станала негова рутина - занесеното истражување на сопствените „машки конфигурации", што правело сензуалните елементи во секојдневниот живот да станат понепосредни, реални и убави.
Волф не е единствениот писател кој на ваков начин се самопоттикнувал - Флобер го отфрлил самозадоволувањето кога имал 22 години, но очигледно табуто не му држело долго. Четири години подоцна, додека се мачел со романот „Искушението на св. Антониј", тој му пишал на близок пријател: „Има моменти кога главата ми пука од маките кои ги мачам со оваа работа. Од пуста фрустрација вчера го издркав, чувствувајќи ја истата празнина која ме тераше да мастурбирам во школо, кога ме затвараа во самица".
Ако Флобер бил поттикнуван на мастурбација од досада и очај, Балзак го користел ова како надополнување на кофеинските инфузии со кои претерувал. Тој мастурбирал до ивицата на оргазмот, но не ја преминувал, и во таква состојба - возбуден до точка на лудило - творел. Непреминувањето на оваа граница за него значело заштеда на креативната енергија која може и треба да биде искористена за нешто повозвишено отколку обично потење.
„Мастурбацијата е обичен губиток. Нема реципроцитет. Тоа е само пусто трошење на одредена сила, без надомест. Телото останува во некоја смисла труп, по чинот на самозлоупотреба. Нема промена, само мртвило", велел тој, или како што е тоа антологиски парафразирано во сцена од Ени Хол на Вуди Ален - свршувањето значи дека пропаднал уште еден потенцијално добар роман.
На Белгиецот Жорж Сименон му биле потребни два или три оргазма неделно за да биде книжевно продуктивен - а објавил повеќе од 400 книги во неговата кариера. Имал секс секој ден и секои два-три месеца „оргијал“ - пишувајќи томови и томови хартија. Кога живеел во Париз тој често спиел со 4 жени дневно. Проценил дека во текот на целиот живот спиел со околу 10,000, со што не се согласувала неговата втора жена, која по кој знае која логика, ја тешело мислата дека тој спиел со „само" 1200. Тој сепак велел дека сето ова е само за книжевни цели - за подобро да ги запознае жените и да може и подобро да ги опише женските ликови во неговите дела.
Најдобар пример за позитивното влијание кое го има сексот не врз пишувањето, туку врз читањето, дал Џон Чивер, американски писател, нарекуван „Чехов од предградието": „Кога читам со здрвен 'алат' можам да ги прочитам и најситните фонтови во молитвениците, но кога ми е спуштен едвај можам да ги прочитам големите наслови во весниците".
Засега не располагаме со податоци за писателки со навики слични на гореспоменатите.