"Баба ми ли ќе ти ги поправа улиците по кои цел ден дрндаш со тоа колата?" би гласел скопскиот превод на предлогот на 56-от гувернер на Њујорк во врска со казните за оние кои не ги плаќаат градските давачки.
Планот на Ендрју Куомо е едноставен: ако на градот му должиш преку 10.000 долари, градот има право да ти ја одземе возачката дозвола.
Даночните служби на Њујорк ќе им испратат опомени на граѓаните кои колективно му должат на Њујорк 26 милиони долари. Тие ќе имаат 60 дена да размислат дали стварно можат да го надмудрат системот, по што им следува уште една опомена. Ако и потоа не си го платат долгот во рок од 15 дена, градот им ја суспендира возачката сè додека долгот не биде подмирен.
"Активирајќи ги овие дополнителни последици, на градот му даваме шанса да си ги добие парите кои му ги должат а неплаќачите ги држиме надвор од улиците", се наведува во соопштението на гувернерот.
Коментаторот на Атлантик Ситис вели дека планот е генијален не само затоа што ги мава неплаќачите по она што многу ги боли (возачката), туку затоа што на едноставен начин ги потсетува сите дека е фер да плаќаш за одржување на инфраструктурата кој ја користиш, а често ја земаш здраво за готово.