Да беше денес Тито жив, ќе гледаше БТР. Додека Јованка доконо би си ја местела пунџата и – од пред огледалото во ходник – би му звоцала да намали со тоа пурите, шизикот натенане ќе си правеше мерак на фреквенцијата на легендарната скопска телевизија. И веројатно немаше да додржи па ќе пуштеше СМС порака со следнава содржина: „ве сакам сите и ако може од здравко цолиц весеље сешири на све стране”. Ах, да! На крајот на пораката, за да не го познаеме, ќе го ставеше задолжителното: „ве молам, нека постои”, со што ефикасно ќе се маскираше во регуларен БТР гледач кој има обичај редовно да моли за екстра секундажа на својата порака, веројатно сметајќи на читачките способности на лицето на кое му се обраќа. Па се доаѓа до стандардна сентенца од типот: „поздрав до кум јоцо и да бричи петел што не дое. нека постои”.
Не верувам дека од Триглав до Мрзенци постои место каде што подоследно се спроведува титовиот хипи концепт за братство и единство од оваа смс-музичка емисија на фасцинантната БТР. Тука живее една виртуелна комуна составена од различни народи, народности, касти, професии, табиети... од сите вери и невери. На кое друго балканско место можете да прочитате исказ со космополитски набој сличен на овој: „поздрав од љуљзим и пуштете нешто бугарско?” За ваквата турбо мултикултурност сведочат и имињата кои и даваат барокна раскошност на целата прикаска. Ве молам, запознајте се со нашите Мевлуде, Мирусе, Вилсон, Миракли, Тарзан, Њомза, Бесмирче (хихихи, Бесмирче!), внукот Егзон и дедо Вебат кој мора да е некаков опак веб дизајнер од дедо пошто беше напишан на латиница, со даблју! А богами има и цели друштва со совршени ономатички комбинации, како што е веселата дружина составена од „неро, шеро, ајна, биљка, себастијан и були!?”
Обединети од заедничката склоност кон чкарт музика, а опремени со мобилни телефони, тие тука живеат ведро и распеано, безгрижно трошејќи ги своите потрошувачки кредити на поволни рати од по пет денари плус ддв. Добро, и овде може да се налета на жесток хејт спич, но дури и тој овде звучи некако бенигно. Неписменоста некогаш умее да го разоружа олошот. Како во случајот на носителот на пораката: „Позравам. Миле. Китик. Од Ајредин. И. Абдил. Ллавови. Од. Арациновн. Мајко. Вијебам. Циганско”. Или, како човек да му фаќа за кусур на типот кој неправедното и ничим изазвано смс ембарго го пробива со антифашистички крик: „Засто не ја пустис пораката бре хитлер матер?!”
Даклем, и на други наши телевизии има вакви емисии, но сите тие по некое време жанровски се стабилизираат, сведувајќи се најчесто на предвидливи тинејџ дрндања од типот: ја сакам мими од трето три, никола карев закон, милан шампион, лацио буљаши... Наспроти ова, на БТР имаме лудило кое се шири во сите правци! Тука имате таква тематска и лингвистичка шареноликост која руши секаков обид за систематизација. Пеки, неколкудневно зјапање може да ви открие дел од стандардните ритуали, како што се муабетите за филмот кој се пушта по емисијата. „Кој филм и кога, ве молам” е најчестата изразна форма на оваа љубопитност. Некои упорно бараат порно, некои трезвено се определуваат за хорор, еден го бараше „оној со Нико, со возот”, а посебно издашна беше полемиката околу филмот „Грофот Монте Кристо” кого некои фанови го прекрстија во Монте Хриско!
Музичките желби се движат во радиус од Линкин Парк до арапска музика. Цеца се држи многу добро, Азис исто така, а фреквентни се и Јашар, Синан Сакиќ, Шако Полумента, Кеба и Зорица Брунцлик која одвреме навреме ни се појавува во форма на Зорица Бруслич!? Топ хитови се „Дуду” од Таркан, „Циганин сам ал најлепши”, „Видовдан” и уште дузина други кои зависат од емотивното салдо на авторите: добро расположените најчесто ја бараат „Плава Циганко”, а оние кои се даун одат со хардкор варијанти на кафански блуз.
Тука се и стандардните љубовни пораки („јас златко рибарот казувам јавно дека ја сакам оливера од хиподром со песна од сабан саулиц”) љубовни дилеми („ане те сакам ама и мацка си ја сакам!”), бизнис понуди („козни цизми на големо само 5 евра”),честитање веселби („среќна запивка”), пријателски совети („Васе продолжи со диетата”), а постојат и интересени информативни содржини („поздрав до Ејуп командантот декан на педагошки факултет”-???), хаику нежности („Лирија е мојот живот сосе децата”) како и вратоломни комбинации („цестито име на попот стефан и дај пустете вецер некое порно”)!
Мене омилени цитати ми се оние најнеписмените како што е „косакам.азис.дајте.одковор.цао” или мистериозните како „кој ќе ми каже каков број е 933?” а ги обожавам оние кои ме тераат на стари години да земам спреј и да го ишарам градов со графити. Најголемо искушение од ваков тип имав со смс паролата: „ТАЧКА Е СУВА ЛЕПОТА!”
Граматика, синтакса, интерпункција... сè е подложено на темелна ревизија! Каноните на Конески се реконструираат со радикалност на која своевремено не се осмелуваше ни лингвист од форматот на Саше Фактор Икс. Празното место меѓу зборовите изгледа предизвикува масовна алергија (мисе спие, тесакам, бабами...). Овој проблем некои го+решаваат+со+ставање+плусови но најчесто се прибегнува кон.употреба.на.семоќните.точки.
Од буквите најголеми жртви се забележани кај буквата „в” која на БТР исчезна од некои свои природни територии. Но, благодарејќи на ваквиот дил, ги добивме новите ентитети како што се: „набафка”, „дечкофци”, „шфалерки” како и сеприсутниот „поздраф” при што, овој последниов, некогаш се подвргнува на дополнителна рационализација по што се добива концизниот термин „ПОЗРАФ!”
Но, не се залажувајте! Овој бтр-смс јазик само навидум е лесен за учење. Да видиме, значи: за „внук” е лесно. „Фнук”, така е. Но, како гласи множината? Фнуци? Е, тука сте се заебале! Фнуците се само привремено, провизорно решение. На крајот на метаморфозата, внуците прераснуваат во – „фнузи!!!” Жифми шфалерка! Кога видов како една баба „ги поздравља фнузите”, тачно почнав да се тркалам по дома, халуциногено замислувајќи си дека сум несвршен глагол кој ита во прегратка на изведена именка! Да ѝ живеат фнузите и да даде Господ да си дочека и прафнузи!
Аха, ќеф ми направија и оние силни пораки во коимепоздравуватеимепотсетуватенаветувањето од минатиот пат. Посебно ме трогнаа оние „трендо закон”, „трендо цар”... пошто ме ставија рамо до рамо со Миле Китиќ, Аца Лукас и останатите персоналитети на кои во вакви прилики редовно им се припишува слична правно – аристократска важност.
Па, што да ви кажам?
Вепоздрављам сите. Вемолам нека постои!
Трендо, Фокус, две илјади и некоја