Исто како што луѓето не ја бираат бојата на кожата или сексуалната предодреденост, така тие не можат да ја изберат и конфигурацијата на своето лице. Во истражувањето од 2003-та, психологот Комила Шанани - Денинг сумира: "Предрасудите врз основа на атрактивноста ги има во најразлични области. Од оценката на професорите за учениците, преференциите на гласачите кон политичките кандидати и процените на поротата во симулираните судења... атрактивноста влијае и на процените на работодавците на интервјуата за работа."
"Култура во која убавината е обожувана исто така е култура во која грдите се угнетувани... Таква е приказната за спартанското дете, подоцна сопруга на Демарат (крал на Спарта), која заради својата грдотија секој ден била носена во храмот на Хелена, и таму таа клечела пред статуата на најубавата жена на светот додека се молела да и биде тргната грдотијата," го пренесува Џони Такар пишувањето на швајцарскиот историчар од 19-от век Јакоб Буркхардт.
Такар, инаку предавач по филозофија на Принстон, објаснува дека и во денешната култура луѓето не се ништо помалку преплашени од грдотијата, само сега не ги носат децата во храмот на Хелена.
"Родителите се уште сакаат нивните деца да ја избегнат грдотијата и многумина од нив се подготвени да помогнат: ретко се подарува пластична операција на нос, инпланти или липосукција, меѓутоа козметички стоматолошки зафати, како протези, денес се рутина. Лоши заби значат и лоша насмевка, а лоша насмевка ќе ве чини многу на многу различни пазари во животот," објаснува Такар.
Во објаснувањето на својата теза, Такар го цитира Ниче кој во Twilight of the Idols (1889.) објаснува дека во "психолошка смисла сè што е грдо го ослабува и го растажува човекот. Тоа го потсетува на распаѓање, опасност и немоќ... Секој пат кога човек е во депресија тој чувствува дека нешто 'грдо' е во негова близина... Грдотијата се сфаќа како знак и симптом на дегенеричност... Секој знак на истоштеност, на умор... мирисот, бојата, формата на распаѓањето... сето ова предизвикува иста реакција, процената дека нешто е 'грдо.'"
"Тогаш она што Ниче веројатно би рекол е дека причината зошто ние денес сме толку загрижени за дебелината е затоа што не можеме да поднесеме да ги гледаме дебелите, а причината зошто не можеме да поднесе да ги гледаме дебелите е затоа што тие се грди и затоа тие оставаат 'мирис, боја, форма на распаѓање' - од пропаста на нашата група," пишува Такар, објаснувајќи дека Ниче под група не подразбирал нација, туку вид.
Според него најлошото во сето ова е што низ целата човечка историја, грдотијата никогаш не се сметала како основа за неправда. "Точно е дека проблемите што ги имале грдите не можат ни приближно да се споредат со проблемите предизвикани од расизам, меѓутоа тоа не значи дека тие се измислени."