"Како што тоа честопати е случај, ваквиот поглед е точен до онаа мерка до која руските интереси се поклопуваат со интересите на еден корумпиран авторитарен владетел", вели Леонид Бершидски во една занимлива анализа за влијателен западен медиум:
"Еве што минатата недела имаше да каже рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров:
"Не можам со сигурност да судам, ама објективно изгледа дека овие настани во Македонија се случуваат откако македонската влада одби да се приклучи кон санкциите против Русија и после активната поддршка на Скопје за плановите за изградба на Турскиот тек, на кој се противат многумина од Брисел и преку Атлантикот. Не можеме да се ослободиме од чувството дека постои некаква врска."
Потеклото на оваа претпоставка и сарказмот на Лавров се јасни. Кремљ не може а да не биде сомничав околу тајмингот на политичката криза во Македонија. Во декември, претседателот Владимир Путин објави дека Русија се откажува од проектот Јужен тек, направен за премостување на Украина и влегување во ЕУ преку Бугарија. ЕУ вложи интензивен притисок врз Бугарија да го поткопа проектот. Бугарската влада која го поддржа проектот - и овозможи путер договор за еден од милијардерите на Путин да го постави гасоводот - беше заменета во експресни избори, и Русија ја изгуби својата влезна точка.
Без да се обесхрабри од тоа, Путин направи договор со претседателот Реџеп Таип Ердоган за пренасочување на идниот гасовод преку Турција надевајќи се дека ќе го продолжи до Балканот. Србија, кандидат за членство во ЕУ, минува низ одредени внатрешни дилеми околу овој проект; за да стигнеш до Србија без да минуваш преку Бугарија, гасоводот мора да помине преку Грција (која Русија се обидува да ја придобие преку понуди за помош) и преку Македонија. САД лобира во Грција да го одбере конкурентскиот проект за гасовод кој би носел гас од Азербејџан наместо од Русија.
Што се однесува до Македонија, два месеца откако плановите за Турскиот тек беа обелоденети, опозицискиот лидер Зоран Заев почна да објавува тајни снимки од разговори на власта. Заев тврди дека снимките, направени од владата на премиерот Никола Груевски како дел од широката операција за прислушување, му се предадени од "свиркач". Отворените, а некогаш и непристојни разговори покриваат доста теми, од насилство против политички противници и изборна измама до купување на Мерцедес за Груевски користејќи го министерството за внатрешни работи како параван (министерката за внатрешни, која од тогаш си поднесе оставката, се слуша како со првиот човек на разузнавањето, кој од тогаш исто така посрамотен си поднесе оставка, ја дискутира опцијата за масажери вградена во задните седишта на автомобилот).
Македонците не беа воодушевени, па дури и албанското малцинство во земјата кое никогаш немало заедничка кауза со македонската опозиција, се приклучи на големите протести во главниот град Скопје. Минатиот викенд, десетици илјади демонстранти се појавија во центарот на градот, кој Груевски неодамна го декорираше со кичести неокласични згради и статуи по цена која малата нација не може да си ја дозволи. Во понеделникот, премиерот, кој владее во Македонија речиси 10 години, организираше сопствен контра-протест. Тој ги нарече снимките "голема лекција" и го осуди Заев како странска марионета со "сценарист," и ги повика своите поддржувачи "да замислат премиер донесен на власт од странски служби."
За тимот Путин ова е позната територија: Настаните го следат истиот курс како во Украина во 2013-та и 2014-та, кога корумпираниот режим на Виктор Јанукович беше отстранет од власт со масовен протест. Кремљ верува дека САД поттикна слична револуција во Грузија во 2003-та, во Украина во 2005-та и во Молдавија во 2009-та, и имаше неколку помалку успешни обиди да се соборат про-московските режими во поранешните советски држави. Бранот промени на режими како што беше Арапската пролет исто така по дефиницијата на Путин потпаѓа под револуциите конструирани од САД. Интересно, терминот кој тој го користи за нивен опис е истиот оној со кој Груевски го опишува компромитирачките снимки: "лекција" за Русија за тоа на што треба да пази.
Голем број обични Руси исто така веруваат во теоријата за заговор бидејќи во нив сепак има одредена површна вистина. САД и неговите сојузници од ЕУ сакаат да го ограничат влијанието на Русија, уште повеќе по руското анектирање на Крим. Тие исто така се загрижени за тенденцијата на Путин да ги користи залихите на природен гас како оружје, кревајќи ја цената за држави кои ќе му се спротивстават и намалувајќи ја за оние кои му се сојузници. Стратегијата за задржување (на нејзиното ширење) и обидите да се задуши енергетската доминантност на Русија се очигледни, а исто е и западната поддршка кон народните движења кои сакаат да ги поткопаат авторитарните лидери пријателски настроени кон Путин.
Проблемот со оваа теорија, сепак, е дека кога една нација ќе го собори својот лидер како што тоа лани го направија Украинците, тоа е обично затоа што ним им е преку глава од очигледната корупција, наместените избори и ограничувањето на медиумските слободи. Особено во Европа, примерот на соседни народи со политички системи кои релативно добро функционираат и се со повисок степен на правичност и демократски ангажман, им боде очи на оние кои не се во ЕУ. Луѓето не сфаќаат зошто нивната земја треба да биде полоша. Она што пак Путин не го разбира - или не сака да го разбере - е дека корумпираните странски политичари ризикуваат да бидат срушени, што може да избрише години и години руски дипломатски напори и да им наштети на економските интереси на Русија.
Русија сега ја засили својата амбасада во Скопје и почнува да ги повторува тврдењата на Груевски за странски агенти. Москва не може, како и да е, да заштити гнил режим кој вистински ја губи довербата на Македонците - а снимките се добра причина за локалците да не ѝ веруваат на сопствената влада.
A Западот пак, разви навика на неуспешна поддршка за реформаторите откако ќе се промени режимот. Резултатот на ова е враќање на државите кон нивните коруптивни патишта. Ова се случи во Украина по 2005-та, и во последниве години во Грузија. Македонија, чии амбиции за членство во ЕУ се попречени од долгогодишниот спор со Грција, заслужуваат појасни гаранции за нејзиниот европски пат доколку се ослободи од Груевски за да продолжи кон посилна демократија и почиста влада. Ако ова им попречи на плановите на Путин за гасовод, тоа е во ред: Русија сепак ќе испорача гас во Европа преку Турција, дури и ако нема удел во инфраструктурата која го пренесува".
Леонид Бершидски