Европејците се вознемирени и загрижени дека нивните земји и Унијата во целост го губи компасот во историската геополитичка трансформација, покажува новата анкета Евробазука спроведена во девет членки на ЕУ - Португалија, Шпанија, Франција, Италија, Германија, Белгија, Холандија, Хрватска и Полска.
Луѓето најмногу се загрижени за технолошката и дигиталната безбедност (28%), повеќе дури и од воените закани (25%), како и за енергетската безбедност (22%). Но, не подеднакво. Стравот од ранливоста на новите технологии е најизразен во Шпанија, Франција, Португалија и Белгија. Полјаците (38%) најмногу се плашат од воена инвазија од Русија. Најголемиот страв за Италијанците е енергетската безбедност, а за Хрватите несигурноста на храната.
Пејзажот на европската несигурност е повеќеслоен: не станува збор за еден страв, туку за агенда на закана со силна национална димензија, се наведува во истражувањето.
На прашањето како најефикасно да се реагира на овие закани, повеќе испитаници (30%) се изјасниле за колективен одговор, а 23% за мерки на национално ниво.
Значително е зголемена загриженоста од можна војна со Русија во следните неколку години. Дури 51% го истакнале ова како „висок ризик“, а 18% за „многу висок“ ризик.
Таквото очекување би било незамисливо пред неколку години. Ова сведочи дека европското јавно мислење влегува во нов геополитички режим во кој доминира хипотезата за директен конфликт на континентот, заклучуваат авторите.
И тука повторно се изразени разлики во ставовите. Војна со Русија очекуваат 77% од Полјаците, а само 41% во Хрватска и 34% во Италија. Многу поизедначени се процентите во одговорите дека европските земји се ранливи и немаат капацитети да се одбранат од евентуална руска агресија.

Анкетираните лица во Белгија, Германија и Шпанија повеќе се плашат од терористички напади отколку од војна. Овој страв е особено изразен во Франција, каде што само 1% од испитаниците изјавиле дека нема ризик од тероризам.
Општо проширен став низ Европа е дека Унијата треба да води самостојна политика и да не се вклучува во конфронтацијата помеѓу големите сили. За судирот помеѓу САД и Кина, 71% се залагале Европа да има автономна позиција, 20% биле да се застане на страната на Вашингтон, а 4% на страната на Пекинг.
Прашањето за миграцијата открива длабока поделба. Кај 46% се перцепира како закана за националната кохезија, а за 33% е неопходност за да се компензира демографското стареење на нациите. На регионално ниво имиграцијата ја сметаат за закана 61% од испитаниците во Полска, а 49% од Шпанците како потреба за пополнување на работните места.
Технолошкиот барометар открива селективен однос кон напредокот. Најголема е загриженоста од влијанието на социјалните мрежи (73%), дроновите (64%) и криптовалутите (57%). Во однос на вештачката интелигенција, подеднаков процент испитаници ја истакнале како закана и како полезна алатка. Најголем ентузијазам во Европа има за развој на роботиката (53%) и за вселенски истражувања (64%), што се толкува како поддршка за забрзан технолошки напредок.
На прашањето за „двете главни предности на земјата“, како контрапункт на барометарот, испитаниците дале јасен одговор. Тие не ја дефинираат својата земја според нејзината економска или воена моќ, туку врз основа на културните ресурси, квалитетот на животот, историјата, здравјето и природната средина.
Она што луѓето најмногу го ценат не е глобалната конкуренција, туку колективниот идентитет и секојдневниот живот, заклучуваат авторите на извештајот.