Да живее другарот Сталин

Георгија (меѓународно), односно Сакартвело (локално) односно Ѓурѓистан по турски односно Врастан по ерменски (како Македонци кои 25 години го јадете калапот од Грците заради името, треба да знаете дека нив името Грузија страшно ги нервира) одамна е наштелувана на патот кон НАТО и евроинтеграција. Но, во бившата советска република уште има луѓе кои не можат да го прежалат Сталин. Да ве запознаеме со тажно-сентименталниот свет на нивните Чворовиќи.

„Тоа што Исус е за верниците, тоа е Сталин за мене“, вели 78 годишниот Шаива Дидебашвили, граѓевинар (не рипајте наци лингвисти, супер звучи тој збор со тврдо ѓ).


73 годишната пензионирана економистка Нази Стефанишвили во својот дом во Гори има специјална соба посветена на Сталин. „Секое сабајле влегувам кај него да му кажам добро утро. А двапати годишно посебно му оддавам почест на деновите на неговото раѓање и смртта“.


„За жал, денеска не е популарен. Нема почитување, само ние, членовите на Партијата му оддаваме почит“ вели Васил Сидамониѕе (70), кој дома има огромна слика од Сталин и за кој сè уште постои само една партија, Комунистичката.


Олга Даниела има 62 години, пензионирана сметководителка е и лидер на Комунистичката партија во нејзиното место. „Постојат два типа луѓе: оние што го сакаат Сталин и оние што не го сакаат. Ние сме тука за да им ја кажеме вистината. Наспроти тешките времиња, тој успеа да ја изгради земјата и заслужува да се спомнува со љубов.“
 

Комунистичките партии не се многу популарни во земјата која се обидува да се оттргне од влијанието на Моксва. „Не знам колку луѓе нè поддржуваат. За жал. младите не сакаат да ни се придружат па членовите ни се постари луѓе“, вели 77 годишниот Јилуи Сикмашвили, лидер на една од неколкуте комунистички партии во државата со 3,7 милиони жители.


Подмладокот на фан базата на Сталин се бара онаму каде што се може, главно во своите деца. Така прави 40 годишната Натја Бабунашвили, мајка на две деца кои ги воспитува во духот на советските времиња. „Ќе си создадат тие свое мислење, ама засега ме слушаат мене“, вели Натја.


Пензионираниот возач Ушанги Давиташвили (86) си спомнува колку поубаво се живеело во времето на Сталин. „Тој го спаси светот од фашизам. Се грижеше за луѓето. Во негово време немаше невработени. Беше голем човек“.

 

Фото: Давид Мџинарашвили, Ројтерс

****

 

27 април 2017 - 09:52