Боросани

Една комшика ги носеше и по дома. "Ми ги излечија вените!" викаше таа и топло ѝ ги препорачуваше на мајка ми. Таа сепак не ги сакаше. Штикла или пропаст!

Банкротирал "Борели"! Човече! Уф, што би била добра фора сега да се појавиш во боросани! Музејска! Кој ли уште би можел да ги има? Во некој куфер, подрум? Никој кого познавам. Нема Борели, нема боросани. Ниту ќе ги има, не, реално. 

Појма немам зошто веста за банкротот на сомборскиот Борели го произведе мојот неочекуван неиздрж за боросани. Никогаш не сум ги пробала, камоли носела. Не ми се допаѓаа, ми без безвезни. Дури не ни знам никој од друштвото кој мислел поинаку. Во прво одделение бев сигурна дека ги носат само теткиците, затоа што мораат, и тоа според тврдењето на мојата учителка, "за да не ги болат нозете, а ги болат затоа што по цел ден го чистат школото кое ние го валкаме." Во шесто-седмо во моето одделение се сметаше дека ги носат само жени кои имаат завршено само средно школо, што значеше дека нас - со светлата иднина каква што ни прогнозираа наставниците и сличните авторитети - не треба да нè занимаат. Толку за постоењето на свеста за класна еднаквост во Југославија!

Сега читам по весници дека боросаните биле лансирани во 1968 година и тоа како први наши обувки (и единствени?) создадени во соработка со ортопеди, за целодневниот ден на жените да им биде поудобен. Некогаш се водеше сметка за работничките.

Боросаните беа рачно изработувани, од платно, отворени прсти, отворени петици, со платформа. Не беа убави, не беа ни женствени, нималку.

Беа евтини.

Беа рекламирани со пораката "Работата е одмор без мана, во обувките боросана". Не разбирам зошто беа потребни реклами за нешто што го имаше на секој чекор: ги носеа фризерки, продавачки, келнерки, медицински сестри, чистачки. Важеа за здрави, стабилни, меки и прилагодливи обувки. Долго време се произведуваа само во тегет, а подоцна излегоа и бели. Веројатно заради медицинскиот персонал. Сега по болниците носат кломпи. Кломпите се слушаат при одење, и тоа бааги, боросаните не се слушаа. Една комшика ги носеше и по дома. "Ми ги излечија вените," викаше таа и топло  ги препорачуваше на мајка ми. Таа сепак не ги сакаше. Штикла или пропаст! "Кај мене во банка и никој не ги носи," викаше мајка ми и по никоја цена не прифаќаше нејзините чевли да не бидат во склад со облечената комбинација. На мојата мајка ѝ беше важно како изгледа.

Колку што се сеќавам, во 80-тите боросаните стекнаа статус на масовна појава, што ги направи незабележливи. Беа нешто обично, секојдневно. Исчезнаа некако следната деценија, како никогаш и да не постоеле, кога заради војната, во нивното место на раѓање, престана производството, во фабриката Борово, во истоменото хрватско место во близина на Вуковар

Малку гуглав. Во 1931 година Борово е основан од Јан Бата, "кралот на чевлите". Освен чевли, со текот на времето фабриката почнува да прави и автомобилски гуми и други гумени работи. Во 80-тите години правеле над 23 милиони рала чевли, над 580.000 авто-гуми и 12.500 тона гумено-техничка стока. Имале 23.000 вработени во цела Југославија. Кога земјата се распадна, Борово продолжи да работи во Хрватска. Негов наследник во Србија, од 1997 година, беше Борели во Сомбор.

Во српскиот печат од 90-тите не наоѓам боросани, во хрватскиот ги има. Пишува дека во 1994 година ги има оживеано актерката Нина Виолиќ, ставајќи ги во својата дипломска претстава "Работата на боросана на себе", дека ривајвл доживеале во 2007 заедно со Стартките кога нов живот им дава дизајнерот Мауро Масарото а боросаните заживуваат во нови бои. Споменатите Стартки исто така беа заштитен знак на Борово, но не се важни во овој текст. 

Пронајдов и дека боросаните ги има ископирано, ни помалку ни повеќе, туку Лакоста, ставајќи ги во есенската колекција за 2009 година а во Борово пред две години се појавиле боромини, модерна верзија на боросаните.Се набројуваат разни нивни предности, па и ретро стилот, "а ретрото, неуништиво какво што е, никогаш нема да излезе од мода." Во Јутарњи од мај годинава читам дека по повод 85 годишнината, Борово повторно тргнува во производство на боросани, се разбира редизајнирани и дека веќе склопиле договори со хотели по јадранскиот брег. 

Овдешниот печат на боросаните се сети минатата недела по повод банкротот на сомборскиот Борели. Во "Данас" пишува дека последниве 15 години Борели за борел да биде приватизиран, заинтересирани купувачи имало од сите страни, и меѓу домашни и меѓу странски фирми, меѓутоа нерешеното имотно прашање со матичното Борово (што наводно со години се решавало на државно ниво) ја угасило фирмата. 

Банкротот на Борели и фактот дека веќе нема боросани се опиша како "краj на една епоха". Можеби, сега ми падна на памет, да не напишеа баш така, немаше да ме фати овој неиздрж. Зашто, што ми се па мене боросаните? Не, реално.

Светлана Ќириќ, Време

10 ноември 2016 - 11:26