„Русија не го прифаќа легитимитетот на глобалните институции и на разни нивоа прави сè за да го поткопа тој легитимитет, вклучувајќи го и мешањето во американските избори. Но, тие се мешаат во туѓи избори со години...“, изјави деновиве пензионираниот генерал за Њусвик.
*****
За признавање на легитимноста на глобалните институции:
- САД неодамна излезе од УНЕСКО;
- САД го оспорува нуклеарниот договор со Иран кој е под меѓународен патронат и за кој сите релевантни фактори велат дека се почитува;
- САД ги немаат потпишано или ратификувано римскиот статут на меѓународниот кривичен суд, конвенцијата за правата на децата, за правата на лицата со инвалидитет, протоколот од Кјото, Парискиот климатски договор, договорот за забрана на нуклеарни проби, конвенцијата за забрана на кластер муниција... вкупно 44 глобално важни меѓународни договори и конвенции
За мешањето во туѓи избори:
- Хафингтон пост ги набројува Хондурас, Гватемала, Иран, Хаити, Конго, Индонезија, Виетнам, Авганистан.
- Вашингтон пост пишува за долгата американска историја на мешање во странски избори:
- ЛА Тајмс ќе потсети дека САД се имаат директно вмешано и во руските избори кога на почетокот на изборната кампања во 1996- та, преку ММФ го освежуваат Борис Елцин со позајмица од 10,2 милијарди долари кои на пијандурата кој ја обезглави руската економија му помогнаа да победи откако тие пари ги потроши на популистички социјални давачки.
Кој е Весли Кларк?
Има импресивна 34 годишна воена кариера. Ветеран од Виетнам каде неколкупати бил ранет, генерал со 4 ѕвезди, прв човек за стратешки планирања на американскиот генерал-штаб, командант на НАТО... Се работи за најодликуваниот Американец после Двајт Ајзнехауер.
По пензионирањето од војската се пробува во политика. После победата на Буш во 2000, Кондолиза Рајс во еден разговор му има кажано дека под водство на Буш, косовската војна никогаш немало да се случи. Тоа веројатно е капислата Кларк да се кандидира на следните избори од редовите на Демократите но потоа се откажува од трката и му ја дава поддршката на Џон Кери.
На овие простори е познат по 78 дневното бомбардирање кое го изведува без ниедна жртва од редовите на НАТО. Но, тоа не може да се каже и за цивилите. Под негова команда на 12 април 1999 година се случува трагичниот инцидент кога американски авион на НАТО нападна патнички воз додека преминувал мост во Грделичката клисура. Пуштил ракети еднаш, па се вратил и го дотепал „непријателот“. Точниот број на жртви никогаш не е утврден. Биле пронајдени 9 тела и делови на уште 4 лица но многумина се водат како исчезнати во водите на Јужна Морава.
Ден после нападот, генералот Весли Кларк одржа прес конференција на која тврдеше дека пилотот немал време адекватно да реагира бидејќи патничкиот воз се движел пребрзо (?!). Притоа, покажа и видео снимка од камерата на авионот за да ја долови брзината. Но, германскиот „Франкфуртер Рундшау“ покажа дека објавените видео снимки биле забрзани. Пентагон и НАТО признаваат и велат дека забрзувањето било изведено за нивни потреби (утврдување на борбената штета) па после некако заборавиле да ја вратат снимката во оригиналната брзина. Дополнителните истражувања на германскиот весник покажаа дека снимката која беше пуштена во јавност била забрзана точно 4,7 пати.
По поразот на силите на Милошевиќ, Русите заигруваат опасно егзибиционистички, успевајќи први да донесат свои војници на аеродромот во Приштина. Ова Кларк го разбеснува и инсистира на директно конфронтирање со нив. Предлогот наидува на отпор кај командантот на британските војници кој сметал дека Кларк реагира премногу емотивно.
„Нема заради тебе да започнувам Трета светска војна!“ му рекол на Кларк британскиот генерал Мајкл Џексон. Неговата трезвеност во однос на Кларк дополнително зачудува ако се знае дека Џексон неговите војници го викале „Принцот на темнината“ а се работи за човек кој беше втор по команда во озлогласената „Крвава недела“ во 1972 година кога британските војници убиваат 13 невооружени ирски демонстранти.
По не баш анти-военото расположение Кларк го памти и угледниот британски новинар Роберт Фиск кој потсетува дека под негова команда за првпат беше нападнат медиум, РТС. Подоцна (нашите) нè бомбардираа уште неколку пати, еднаш во Ал Џезеира во Авганистан, и пак во истата куќа во Багдад, ќе каже Фиск.
„Во Југославија постојано бев на терен заради цивилните жртви. Во една прилика видов како авион дојде и бомбардираше мост на една српска река. После 12 минути кога спасувачи дојдоа на мостот - кој и онака беше претесен за преминување на тенкови - авионот се врати и ги бомбардираше спасувачите.
Памтам како Кларк нè убедуваше дека за само неколку недели биле уништени преку 100 тенка на југословенската војска. Сто тенка, како да не. Кога војната заврши, откривме дека бројката е 10.
Да сум Американец, Весли Кларк не е човекот за кого би гласал. Но, не сум Американец па не морам“, порача на времето Роберт Фиск.
Гладен за секаков политички воен интервенционизам, демократски ориентираниот генерал подоцна го фали Републиканскиот претседател со следниве зборови:
"Претседателот Џорџ Дуплове Буш имаше храброст и визија... и ние секогаш ќе му бидеме благодарни за на претседателот Буш за неговото лидерство и државништво“, ќе рече Кларк.
По истиот извор на кој педантно се попишани сите контроверзи на овој генерал, од водењето на бегалските кампови за луѓето од Хаити до подоцнежното мување со платените говори, Кларк бил разочаран кога администрацијата на Буш не го повикала да помогне околу војната со Ал Каеда.
А дефинитивно го оладува Барак Обама, кога му порачал дека неговите услуги нема да бидат потребни на една конвенција на Демократите.
Иако противниците на Весли Кларк инсистираат дека е тоа е непоправливо помпезен его-манијак, не мора да е така. Човекот знае да остави впечаток на смирен и занимлив соговорник, каков што беше на ручекот (лосос во сос од портокал, молим лепо) со пишувачот на овој профил, пред многу години, во САД. После муабетот во кој, дипломатски кажано, „се изразија различни гледишта на состојбите“, се чинеше дека секој ќе си остане на своето.
Како што гледате, така и бидна.