Том Хенкс има нова серија за Втората светска војна во 20 епизоди

По повеќе од две децении поминати во раскажување приказни за Втората светска војна преку филмови и серии, холивудскиот актер се впушта во својот најобемен проект досега – документарната серија „Втора светска војна со Том Хенкс“. Но, овојпат темата не е само професионален интерес: Хенкс признава дека војната оставила длабока трага и врз неговото семејство, што ја прави оваа приказна и лично важна за него. 

Том Хенкс, кој во кариерата веќе остави силен печат со „Спасувајќи го војникот Рајан“, „Пацификот“, „Господари на воздухот“ и уште неколку воени филмови, сега е наратор и извршен продуцент на новата документарна серија „Втора светска војна со Том Хенкс“. Станува збор за 20-епизоден проект создаден во соработка со Хистори ченел и Националниот музеј на Втората светска војна во Њу Орлеанс.

Според најавите, серијата ќе понуди сеопфатен приказ на Втората светска војна – од подемот на фашизмот во Европа, нападот на Перл Харбор и падот на Берлин, па сè до атомските бомби врз Хирошима и почетокот на Студената војна. Авторите сакаат да покажат како конфликтот го обликувал современиот свет и дека неговите последици се чувствуваат и денес.

Хенкс објаснува дека неговата поврзаност со темата започнала уште во детството. Како што вели, речиси секој возрасен човек околу него постојано зборувал за „Војната“, а нејзините последици биле присутни и во неговото семејство. Токму затоа, за него овој проект не е само историска реконструкција, туку и лична мисија.

Серијата премиерно беше прикажана на 25 мај 2026 година, на Денот на сеќавањето во САД, со три епизоди емитувани една по друга, а останатите продолжуваат еднаш неделно. Проектот е дел од иницијативата HISTORY Honors 250, посветена на одбележувањето на 250 години од основањето на САД.

Покрај Хенкс и неговиот долгогодишен соработник Гери Гецман, како извршен продуцент се појавува и историчарот добитник на Пулицерова награда, Џон Мичам. Создателите ветуваат дека секоја епизода ќе отвора нови аспекти на војната – од политичките одлуки и стратегиите, до секојдневниот живот на луѓето погодени од конфликтот.

Во трејлерот за серијата, Хенкс ја нарекува Втората светска војна „најголемиот настан во човечката историја“.

28 мај 2026 - 10:04