Последниве 4 месеци, група средношколци од Кентаки упорно и засега бесцелно се обидуваат да уфрлaт една реченица во соодветниот образовен законик. Тие бараат локалните училишни бордови да имаат опција - само опција, не и обврска - за вклучување на еден ученик во комитетот кој ги селектира кандидатите за суперинтендант (главниот извршен во школото).
И тоа е тоа. Не бараат тие да го бираат човекот, оставаат тоа да го прави училишниот одбор. Само бараат можност еден од нив да биде дел од екипата која ги селектира кандидатите и дава препораки на одборот.
"Јас мислев дека ова за никого нема да биде никаков проблем," вели една 18 годишна среношколка која по шест пати губи часови за да оди и да го брани нивниот предлог пред законодавците.
Досега младиве сведочеле пред собраниски комисии, пишувале писма и едиторијали, консултирале адвокати, имаат собрано еден куп истражувања во полза на нивниот предлог.
И не па не. Во една прилика кога снежна бура се заканувала да ги оневозможи да дојдат и утредента, замолиле да преспијат на под во холот на надлежната законодавна институција, ладно им било кажано да си најдат хотел.
А младите се најдрагоцениот и најпотценетиот образовен консултант, пишува Аманда Риплли за Атлантик. Пред да матурираат тие минуваат околу 2.300 дена во таа школска ситуација, размислувајќи што им е добро а што ги вади од такт. А за разлика од многумина новинари, професори и директори, тие немаат скриена агенда и не ги занима политичарење и политикантство.
А фактите јасно говорат дека оние училишта кои редовно ги прашуваат своите ученици за состојбите имаат подобри перформанси од другите.
На пример, според едно истражување на ОЕЦД од 2012-та година, само 59 проценти од американските училишта бараат фидбек од учениците, што е под просекот на земјите од развиениот свет. Во Финска пак, која важи за една од земјите со најсофистициран образовен систем, тој процент изнесува 71.