Сите 69 членки на Меѓународното биро за тегови и мерки на Генералната конференција во Версај гласаа за укинување на „престапната секунда“. Од 20 мај 2027 година, новото правило ќе важи за сите часовници што го мерат „координираното универзално време“ (UTC).
Технички гледано, светот користи два временски системи: UTC го мерат атомски часовници и тече со апсолутна прецизност и правилност. Астрономското време (UT1) ја следи ротацијата на Земјата, која е променлива. Во 1972 година беше воведено правило на официјалното време да се додава по 1 секунда ако разликата со астрономското надмине 0,9 секунди. Досега имало 27 случаи кога часовниците покажувале 23:59:60 – последен пат на новогодишната ноќ во 2016 година. Никогаш немало потреба да се одземе престапна секунда.
Луѓето не забележуваат кога „летнала“ секундата, но за компјутерските системи таа е голем проблем, бидејќи поради непредвидливата ротација на Земјата не може да се создаде софтвер што би ја пресметувал. Промената во 2012 година го парализираше системот за авионски резервации „Амадеус“, летови доцнеа по неколку часа и паднаа платформите на Reddit, Mozzila и LinkedIn.
Конференцијата за тегови и мерки ја планираше идната престапна секунда за во 2035 година. Но, во меѓувреме астрономски мерења покажаа дека забрзала ротацијата на Земјата, по долг период на забавување. Пресметките покажале 30% шанса за првото одземање на секундата од глобалното време, што може да создаде уште поголеми проблеми.
Промената на времето што го покажуваат часовниците не се одразува на престапните денови во календарот. Тоа е затоа што годината всушност трае по околу 365 дена и 6 часа, па се добива по еден екстра ден на секои четири години. Екстра минутите се компензираат со сложено правило на бришење на 29 февруари од годините што завршуваат со две нули, но не и од оние што се деливи со 400. Поради тоа, престапни беа годините 1700, 1800 и 1900, но не и 1600 и 2000.
Одлуката за „престапниот час“ договорена од Версај нема да влијае врз мачната обврска во последниот викенд од октомври да ги вратиме часовниците за 1 час назад поради преминување на зимското сметање на времето.
******
Види и: Научниците сакаат да скратат минута на 59 секунди