Предлогот на научниците е некоја минута во годината од сегашните 60 да се скрати на 59 секунди, затоа што е неопходна барем една „негативна престапна секунда“ за часовникот подобро да се синхронизира со вистинската ротација на Земјата.
На ова му претходи година „обележана од голем број пократки од просечно денови, кои следуваа по неколку години во кои Земјата ротираше побрзо од кога и да е претходно“.
Ова со вртењето на Земјата се објаснува со тоа што планетата постојано е под влијание на сили од Месечината и Сонцето (не во гатачка смисла, туку во гравитациска смисла), или како што објаснуваат од Популар механик „пробај да вртиш огромен сад полн со вода, па види како бранувањето ќе те занесе“. Се работи за комплицирана формула, според која периодов ротацијата е наклонета кон пократки денови. Наспроти ова, трендот во изминатите децении беше кон побавно вртење, што значи дека е неопходно менаџирање на „престапната секунда“ во два правци, додавање или одземање, во зависност од годината.
Дел од научниците веруваат дека наместо вакви монументални промени од 1 секунда, разликата треба да се менаџира во микросекунди распоредени низ целата година. Сепак ова ќе треба да се реши на ниво на научна фела чиј „менаџмент“ има состанок дури во 2023.
Последен пат кога се додаде престапна секунда, во 2012, крахираа голем број интернет сервери низ светот, вклучувајќи ги Редит, Јелп и Линкдин, и голем број од тие што се базираа на Линукс или користеа Јаваскрипт.